Во светот на супермоделите постојат само неколку имиња кои целосно ги сменија правилата на играта на модните писти, кои со силата на сопствениот имиџ создадоа нови трендови и ја обележаа цела една генерација.
Меѓу нив е и Кејт Мос. Легендарната 52 годишна манекенка е родена на 16 јануари 1974 година во англискиот град Кројдон. Имала само 14 години кога на аеродромот ЏФК во Њујорк ја забележала Сара Дукас, основачката на модната агенција Storm.
Во тоа време, модната сцена била доминирана од исклучително високи манекенки со изразени облини, додека Кејт била ниска и исклучително слаба. Нејзината кариера доживеала експлозивен почеток по кампањата за брендот Calvin Klein, по што следел нејзиниот молскавичен подем.
Голем дел од нејзината популарност се должи и на бурниот приватен живот, кој ја направи омилена тема на таблоидите. Интензивната љубовна врска со Џони Деп ги полнеше насловните страници, а папараците ја следеа во чекор.
Нејзините фотографии служеа како стилска инспирација за девојки ширум светот, поради што Кејт Мос стана икона на стилот на 1990-тите. Очекувано, таа беше и остана муза на бројни дизајнери, кои дури и ги именуваа некои од своите најпознати креации токму по неа. Прекарот „антисупермодел“ го доби благодарејќи на сето она што не беа супермоделите, а таа беше- бунтовна во преден план.
Еден од најпознатите примери се легендарните салонки на Кристијан Лубутен – моделот So Kate, со вртоглаво висока и тенка потпетица од 12 сантиметри.
„So Kate е чевел со остар стил – едноставен, а во исто време исклучително комплексен. Ако линијата не е совршена, нема украс што може да го сокрие тоа. Тоа ми звучеше како Кејт Мос – едноставна, а софистицирана. Почувствував дека оваа салонка мора да го носи нејзиното име, бидејќи таа е толку ‘Кејт’. Овие чевли им даваат целосна моќ на нозете на жените кои ги носат, без никакви одвлекувања,“ изјави Лубутен за својот култен модел, лансиран во 2012 година.
Кејт Мос беше муза и на италијанскиот дизајнер Стефано Пилати, кој во времето кога беше креативен директор на модната куќа Saint Laurent, во 2010 година ја претстави една од најпознатите чанти на брендот.
Моделот Kate се одликува со едноставен правоаголен дизајн, долг ланец и е украсен со препознатливото YSL лого.
Чантата е достапна во повеќе големини и, благодарение на својот дискретен дизајн, се наметна како совршен избор за свечени пригоди. Со текот на времето се појавија и други верзии, меѓу кои и онаа со реси, чија популарност, според некои модни познавачи, денес опаѓа.
Данската дизајнерка Анин Бинг, која стои зад истоимениот бренд, е последна во низата креатори кои посветија моден додаток на Кејт Мос. Таа по неа ја именуваше чантата Kate Tote.
„Она што најмногу ми се допаѓа кај оваа чанта е нејзината големина. Совршена е за ден исполнет со состаноци и договори – во неа можам да носам сè што ми е потребно,“ коментираше Кејт за модниот додаток што го носи нејзиното име.
Наскоро таа стана и заштитно лице на брендот, снимајќи неколку кампањи.
„Таа во себе носи малку рокенрол став и тоа апсолутно го обожавам. Таа го отелотворува сето она за што се залага овој бренд. Кога го основав, бев инспирирана од моите рокенрол денови, бидејќи некогаш бев дел од бенд. Подоцна брендот доби покласичен израз, но подготвена сум повторно да внесам малку рокенрол во приказната – а за тоа нема подобар избор од Кејт Мос,“ заклучи дизајнерката.