
Сега, кога ја ситни шестата деценија, иконата од 90-тите се враќа таму каде што сè тивко започнало, кон длабоката, инстинктивна љубов за создавање убавина во домот.

Некогаш едно од најпрепознатливите лица на модата, Хелена Кристенсен со леснотија се движеше меѓу улогите на модел, фотограф, писател и креативен консултант. Но во последните години нејзиниот фокус станува сè појасен. Ентериер дизајнот повеќе не е споредна страст. Тоа е нејзиното следно големо поглавје.

А неговите корени водат уште од детството.
Растејќи во близина на Копенхаген, раните години ги минувала собирајќи фрагменти од минатото, предмети расфрлани низ блиските полиња, секој со своја приказна.
„Секогаш вложував љубов во создавање простори што делуваат утешно и инспиративно,“ вели таа. „Тој инстинкт да собирам и внимателно уредувам никогаш не ме напушти.“

Родена од дански татко и перуанска мајка, подемот на Кристенсен беше брз. На само 17 години ја освои титулата Miss Universe Denmark 1986. Само една година подоцна, по финалето на натпреварот Look of the Year, го напушти домот и замина за Париз, чекорејќи во модниот свет што веднаш ја забележа.
Нејзините впечатливи зелени очи и тивка, магнетна појава доведоа до соработки со легендарниот Питер Линдберг, како и блиска креативна врска со Карл Лагерфелд.
Глобалната слава пристигна во 1991 година, кога се појави во култниот спот за Wicked Game на Chris Isaak, момент што трајно ја врежа во поп културата.
На пистите стана омилена на Џани Версаче, а подоцна и едно од оригиналните лица на Victoria’s Secret, помагајќи да се дефинира една ера на гламур со висок сјај.
Но постојаното движење на тој живот разбуди нешто подлабоко.
„Патувањето низ светот како модел ја прошири мојата фасцинација со архитектурата, занаетчиството и дизајнот,“ објаснува таа. „Впивав сè, бои, текстури, форми и сето тоа на крајот најде место во начинот на кој создавам простори.“
И нејзиниот приватен живот се промени. Во 1998 година започна врска со Norman Reedus, а раѓањето на нивниот син Mingus Reedus една година подоцна означи пресвртница.
Кристенсен направи чекор назад од безмилосното темпо на модната индустрија и се сврте кон фотографијата, одржувајќи ја својата прва самостојна изложба во Лондон во 2003 година.
Сепак, модата никогаш целосно не ја пушти.
Неодамна повторно се појави на Milan Fashion Week, присуствувајќи на ревии покрај Клаудија Шифер, Наоми Кемпбел, Синди Крафорд, Карла Бруни, потсетник дека нејзиното присуство и денес е подеднакво релевантно.
Сега, нејзината креативна енергија е насочена кон нешто уште полично.
Во 2025 година Кристенсен ја презеде улогата глобален уметнички директор на BoConcept, потег што повеќе личи на неизбежност отколку на реинвенција.
„Исто како што облеката покажува која сте, така и начинот на кој го уредувате домот го открива вашето вистинско јас,“ вели таа. „Влегувате во празен простор и полека му вдивнувате живот.“
Нејзиниот свет денес е исполнет со тивки ритуали, утрински пазари, готвење, дружења со пријатели и палење свеќи.
Помеѓу домовите во West Village, Catskills и Данска, таа создаде простори што ја отсликуваат нејзината филозофија, слоевити, живеени и длабоко промислени.
Покрај неа е и Kuma, нејзиниот австралиски овчар, постојано присуство во живот што денес ја вреднува тишината исто колку и движењето.
За Кристенсен, дизајнот не е совршенство. Тој е чувство.
Неодамна создаде lounge chair инспирирана од крајбрежните дански острови, изработена да го долови мирот на водата, ритамот на природата и тивката јасност што ја бара цел живот.
„Дизајнот,“ вели таа, „значи создавање простори во кои се чувствувате добро, места што ве тешат, ве инспирираат и ви дозволуваат да дишете.“
По децении под светлата на рефлекторите, Хелен а не се повлекува.
Таа едноставно избира каде ќе стои денес.
Н.Т