Беше „жив моден билборд“, ама една нејзина креација ја сметаат за врв: Јованка Броз, лицето на една ера

Јованка Броз, иако беше на „чело“ на поранешната социјалистичка федеративна република Југославија, остави зад себе гламурозна модна колекција достојна за секој ормар на западна прва дама – околу 1.100 поединечни предмети: 676 фустани и комплети, 100 пара чевли, 85 пара ракавици и други предмети.

Јованка носеше број 38, некогаш и 39, а најчесто чевлите ѝ ги изработувал белградскиот чевлар Глоговац. Исто така, поседувала и италијански чевли, како и чевли од некои непознати производители. Интересно е што со фустаните се чува и вишок од истата ткаенина, за да се можат да се направат поправки или прилагодувања ако е потребно.

Посебен куриозитет, покрај вечерните и свечените фустани, претставува униформата на Јованка Броз од 1945 година, која, судејќи по состојбата во која е сочувана, била многу користена.

Како прва дама на тогашната Југославија, Јованка, секако, со помош на креаторите изгради личен, впечатлив стил со едноставни линии, кој беше и елегантен и гламурозен. Таа беше позната по фустани кроени според телото, со длабоко деколте и задолжително нагласен струк, дополнето со аксесоари како скапоцен накит. Црвениот кармин и познатата висока пунџа сите ги памтиме.

Нејзината облека е уникатна, во најголемиот дел се работи за висока мода од Диор и Баленсијага, рачно изработена по мерка, од најквалитетни материјали, со впечатливи бои и атрактивни текстури и дезени, додека кројот, изрезите, драпирањето и силуетата асоцираат на влијанието на париската висока мода.

Работеше и со домашни дизајнери, домашни кројачки како и со Александар Јоксимовиќ, сметан за водечки дизајнер на висока мода во социјалистичка Југославија.
Таа исто така често носеше креации од Клара Ротшилд, легендарна дизајнерка од Будимпешта, позната како „Коко Шанел на Истокот“, која чуваше манекен кукла со точни мерки на Јованка.

Првата дама многу вешто ја избираше гардеробата, во дипломатски и официјални прилики носеше луксузни тоалети од светски и домашни креатори, додека за појавувањата пред домашната јавност избираше скромни модели со кои можеше да се идентификуваат пошироките народни маси.

Важно е да се напомене и дека таа беше покровител на домашната модна индустрија и со задоволство ја промовираше. За неа работеле домашни претпријатија, дизајнери и занаетчии, но за жал, голем дел од нејзината облека не е потпишана, па не постојат податоци за сите кои учествувале во создавањето на модната икона Јованка.

Но, според модните екеперти, највпечатливиот, најдобриот и најгламурозниот фустан кој ги поседува сите атрибути на висока мода е тоалетата која заедно со Тито, ја носеше во тогашна СССР, во 1956 година. Имено, на најламурозниот прием во нивна чест, во Кремљ се одржа свечена вечер со највисоки државнички почести.

Фустанот на Јованка беше ремек- дело. Златен брокат се слеваше на нејзиното деколте кој праволиниски се спушташе во долниот дел. А, се друго беше направено од чиста свила. На вратот носеше ѓердан од скапоцени камења и секако, пунџата како заштитен знак. Овој фустан го надминува и времето бидејќи слободно може ваков крој и дизајн да се носат денес дури и за Оскаровскиот црвен килим. За жал, нема точни информации кој го изработил овој фустан ниту пак каде е.

За тоа колку силен визуелен впечаток оставала Јованка врз луѓето, најдобро сведочи изјавата на нејзината помлада сестра Нада Будисављевиќ, која еднаш ја опиша првата средба со госпоѓа Броз по многу години раздвојување.

– Тогаш се појави Јованка. Беше олицетворение на буроазија. На себе имаше некакво темно сино- палто со крзнени детали од нерц. Имаше долга, црна подигната коса и чевли со потпетици. За мене тогаш беше најубавото нешто што сум видела- се присети Нада.

Н.Т