Четири соби и сауна на само 7 квадратни метри- погледнете го ова архитектонско ЧУДО! Неверојатен подвиг

Станбената зграда во која архитектката Беатрис Рамо живеела со својот партнер во Ротердам, Холандија, еден ден ѝ го привлече вниманието со магацински простор од само 7 квадратни метри на седмиот кат.

Двојката го посетила просторот и, на свое изненадување, открила дека „магацинот“ има топла и ладна вода, тоалет, струја, греење и голем стаклен прозорец со панорамски поглед кон градот.

Го купиле за 11.000 евра, првично со намера да го претворат во пансион, но на крајот го трансформирале во целосно функционален четирисобен стан со сауна што, како што коментира Рамо, веројатно е „најмалиот стан на светот“.

Овој посебен проект во Ротердам го нарекле El Kabanon, во чест на Ле Корбизје, кој истото име ѝ го дал на дрвената колиба што ја користел за експериментирање со дизајн на мали простори за живеење.

Заедно со својот партнер, започнале редизајн на „магацинот“ со ограничен буџет, во соработка со столар и уметник. Купувањето на просторот и неговата реконструкција вкупно ги чинеле 21.000 евра. Создале дневна соба, спална соба, кујна и бања со сауна, со помош на склоплив мебел и вградени простори за складирање.

Ѕидовите биле обложени со шпански плочки кои создаваат илузија на тродимензионален простор, визуелно додавајќи квадратура на станот. Бањата, пак, е обложена со црн мермер од причини на заштеда, бидејќи двојката искористила парче мермер што останало како залиха во продавница и се продавало по една десетина од оригиналната цена.

Резултатот- нивниот El Kabanon, бил претставен во бројни меѓународни медиуми и навистина е импресивен. Но, тој може да биде и извор на инспирација за оние кои се соочуваат со станбената криза дури и ако, секако, не можат или не сакаат да живеат во 7 квадратни метри, без оглед колку добро се дизајнирани.

Како што заклучува архитектката:
„Во времиња на станбена криза, исклучително е важно на светот да му се понудат високо функционални домови.“

Н.Т