Она што е важно да се каже е дека ова не беше модна ревија, туку музички спектакл. Затоа критериумите не можат да бидат исти како кога анализираме црвен тепих или модна писта
Скопје синоќа живееше во ритамот на еден од најголемите музички настани што се одржале во земјава. На Плоштад Македонија, пред огромна публика, се споија македонската музичка сцена, Македонската филхармонија и светската оперска легенда Хозе Карерас, во рамки на одбележувањето на 35 години независност.
На сцената се појавија дел од најзначајните имиња на македонската музика, Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана и Игор Дурловски, Наум Петрески, Дешира Амети Крлиу, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски.

Организациски, концертот остави впечаток на сериозен, голем и внимателно продуциран спектакл. Огромната сцена, оркестарот, светлото, масовноста на публиката и присуството на Карерас му дадоа на настанот карактер на вистинска свеченост, а не само на уште еден концерт на отворено. Посебна тежина му даде и заедничката изведба на „Едно име имаме“, кога Карерас, заедно со македонските изведувачи, ја крена публиката на нозе.
Но, големите сцени секогаш отвораат и едно друго прашање: како изгледаат оние што ја носат сцената?
И токму тука модата има своја приказна.
Сузана Спасовска – сигурна црна, но со премногу визуелни информации
Фолк дивата Сузана Спасовска се одлучи за нешто што речиси никогаш не е погрешен избор, црна боја. Таа носи свеченост, сериозност и сценска елеганција, а во нејзиниот случај изборот е сосема логичен.

Проблемот не е во фустанот како таков, туку во количината на детали. Повеќето елементи, волумени и визуелни прекини на силуетата создаваат ефект во кој окото нема јасна линија по која ќе се движи. Наместо да ја издолжат и прочистат фигурата, деталите визуелно ја прошируваат.

Тоа не значи дека креацијата е лоша. Напротив, има сценска логика и присуство. Но, токму кај ваков тип на настап, каде што главната улога ја има гласот, можеби ќе функционираше подобро малку почиста силуета и помалку визуелна тежина.
Сигурен избор, да. Најдобар можен избор, можеби не.
Каролина Гочева- кога белата боја ја презема сцената
Каролина Гочева, како и многупати досега, покажа дека знае да ја разбере сцената.

Белата боја беше полн погодок. Во неа имаше нешто свечено, речиси кралско, со естетика која асоцира на барокна раскош, но без да западне во костимографска пренагласеност.
Горниот дел беше доминантен и во одредени моменти визуелно го ограничуваше движењето на рацете. Но токму тука дојде најинтересниот момент од стајлингот, кога Каролина го отстрани тој дел, силуетата одеднаш доби слобода.
И тогаш се покажа целиот потенцијал на креацијата.

Фустанот почна да дише, движењето стана природно, а белата материја дојде до полн израз. Тоа е добар пример дека сценската мода не се гледа само кога изведувачот стои мирно пред микрофон. Дизајнот мора да функционира и кога телото се движи.
Калиопи- моќна сценска енергија, но кројот можеше да биде попаметен
Калиопи остана верна на себе, силна, драматична и со јасна сценска присутност.
Но, токму кај неа се појави една од најинтересните модни дилеми на вечерта.

Палтото беше претесно во однос на нејзината конфигурација, а изборот на материјал дополнително го нагласи тоа. Светлечките нијанси, брокатот и неонскиот ефект кој се гледаше на телевизија го фаќаат светлото од сцената, но истовремено визуелно додаваат волумен.
На фотографија или видео од сцена тоа е особено важно, материјалот не е само текстура, тој е дел од силуетата.

Можеби решението било токму во тоа палтото да се отстрани порано или воопшто да не биде доминантниот елемент. Без него, долниот дел со тулот би добил многу повеќе простор, тежина и драматичност. Наместо окото прво да го регистрира тесниот горен дел, вниманието би се префрлило кон движењето и волуменот на долната силуета.
Калиопи не е изведувачка која има проблем со сценско присуство. Напротив, можеби токму затоа облеката треба да ѝ биде сојузник, а не дополнителна визуелна тежина.
Дешира Амети Крлиу- црена димензија
Дешира Амети Крлиу играла на сигурна варијанта.

Црвениот фустан е добар и функционира, но за ваков историски и гламурозен концерт некако како да му недостига уште еден степен на раскош, нешто што ќе го подигне од „добар сценски фустан“ во „голем гала момент“.
Ана Дурловски- отменост со вистинска мера
Ана Дурловски изгледаше отмено и сосема во согласност со тежината на настанот.
Изборот на бојата беше зрел и префинет, волуменот добро контролиран, а целата силуета делуваше балансирано. Ништо не се обидуваше да ја надвика самата изведувачка.

И тоа е суштината на добрата сценска мода, креацијата треба да ја засили личноста, а не да се натпреварува со неа.
Кај Ана тоа беше постигнато. Имаше доволно свеченост за големината на настанот, но и доволно воздржаност за вниманието да остане таму каде што треба, кај изведбата.
Маја Оџаклиевска- со свој потпис, но со простор за поголема смелост
Маја Оџаклиевска се појави во креација која добро се вклопува со нејзиниот личен стил, годините и сценскиот идентитет.
Тука нема погрешна насока. Изборот е логичен и препознатлив.
Но, за настан со ваква тежина, можеше да има и поголема доза на автентичност, но и не мора да значи.

Маја е име кое носи своја историја. По долг период повторно се појавува пред македонската публика на една од најголемите сцени, а нејзината најголема сила и понатаму е гласот. Токму затоа облеката не мораше да биде спектакл сама по себе, но можеби можеше да биде поспецифична, посмела и повеќе поврзана со историскиот момент на нејзиното појавување.
Кога на сцена се враќа една легенда, понекогаш и модата треба да испрати порака дека гледаме нешто што не се случува секој ден.
Голем настан бара и голема визуелна приказна
Она што е важно да се каже е дека ова не беше модна ревија, туку музички спектакл. Затоа критериумите не можат да бидат исти како кога анализираме црвен тепих или модна писта.
Сценската облека мора да функционира под силни рефлектори, пред илјадници луѓе, во движење и во комбинација со музиката, кореографијата и камерата. Она што изгледа одлично во ателје не секогаш функционира на голема сцена.
И токму затоа најдобрите избори од оваа вечер беа оние кај кои облеката не се бореше со изведувачот, туку работеше за него.
Скопје доби концерт кој по својата продукција, имиња и атмосфера несомнено ќе остане запаметен. Карерас, Македонската филхармонија и македонските музички ѕвезди создадоа вечер со голема емотивна и културна тежина.
А кога станува збор за модата, вечерта покажа нешто што секогаш вреди да се повтори, не е доволно креацијата да биде убава. Таа мора да биде вистинската креација за вистинската жена, за вистинската сцена и за вистинскиот момент.
Небојша Толески