
Сите ние се восхитуваме на „непогрешливиот стил“ на холивудските диви и расправаме кој ја погодил, а кој ја утнал темата, но во позадина се одвива ладна, прецизно пресметана трговија. Стилистите земаат провизии, луксузните модни куќи испишуваат чекови со пет нули за само едно носење…

Иако холивудските актерки обожаваат да зборуваат за „креативна соработка со дизајнерите“ и некаква длабока, „органска поврзаност“ со модната куќа, вистината е многу побанална. Сè е само бизнис. Во тој свет ништо не се препушта на случајноста, а секој шев, секој набор на фустанот и секој дијамант околу вратот имаат своја, мошне прецизно утврдена цена. Заборавете на модата, тука станува збор за чист маркетинг, каде што местото на црвениот тепих буквално се купува.
Ценовник за кој се молчи
Заборавете на бајките. Ако видите актерка на доделувањето на Оскарите или Златните глобуси во фустан од одреден луксузен бренд, постои голема веројатност дека тоа не бил само моден избор, туку деловна трансакција.
Водечката холивудска стилистка Џесика Пастер, жената која ги облекува ѕвездите како Емили Блант, е една од ретките што јавно го потврди она за што сите молчат. Таа призна дека актерките за носење на еден фустан на важен црвен тепих можат да добијат меѓу 100.000 и 250.000 долари.
И не, не се шегуваме. Зборуваме за четвртина милион долари за неколку часа позирање пред фотографите.
Но, тука бизнисот дури започнува. Парите не легнуваат само на сметката на ѕвездата. Тука се и стилистите, вистинските „сиви еминенции“ на Холивуд кои често земаат паушал или еднократна надомест од 30.000 до 50.000 долари само за воопшто да ѝ предложат на својата клиентка одреден бренд.
„Ако фустанот изгледа ужасно, никаков пари не вредат за тоа. Но ако фустанот е прекрасен и тоа е она што и онака сте сакале да го носите, зошто да не бидете платени?“, прагматично објасни Пастер.
Накитот е уште поскапа игра
Ако мислите дека сумите за фустани се високи, светот на накитот е сосема друга димензија. Јувелирските куќи како Cartier, Chopard или Bulgari не само што позајмуваат огрлици вредни милиони, тие плаќаат „амбасадори“ за да ги носат.
Кога ќе видите ѕвезди од рангот на Ен Хатавеј или Лејди Гага како незаинтересирано дефилираат со огрлица вредна 30 милиони долари, не мислете дека е случајност или моден хир. Тоа е чиста деловна стратегија. Тие жени имаат милионски договори со јувелирските куќи кои скапо плаќаат нивниот накит да заблеска токму на тој врат.
За оние помалку познати, кои немаат ексклузивни договори, тарифата е јасна, еднократниот хонорар за таа една вечер може да достигне и половина милион долари, во зависност од тоа колку блицеви ќе светнат во нивна насока.
Но најинтересниот дел од приказната се случува зад кулисите, далеку од фотографите. Со секое такво скапоцено парче често доаѓаат и телохранители. Нивната единствена задача цела вечер? Да не го тргнат погледот од накитот. Штом церемонијата ќе заврши, а понекогаш и буквално пред ѕвездата да седне во лимузината за after-party, бајката завршува. Накитот се симнува и оди директно во сеф. Нема носење дома, нема спиење со дијаманти. Тоа е позајмен луксуз што трае точно онолку колку што трае и директниот пренос.
Како воопшто се избира фустан за Оскарите?
Целиот процес започнува месеци однапред. Модните куќи им испраќаат скици на стилистите, а потоа се прават првите проби. Но клучниот момент се случува зад затворени врати. Големите брендови како Chanel, Dior или Louis Vuitton имаат посебни буџети наменети за црвениот тепих. Ако стилистот има клиентка номинирана за Оскар, неговата преговарачка позиција скока до небо.
Тука на сцена стапуваат договорите. Ако актерката нема ексклузивен договор (како Џенифер Лоренс со Dior или Марго Роби со Chanel, кои вредат милиони), нејзиниот тим може буквално да организира лицитација. Кој ќе понуди повеќе, тој добива шанса актерката да прошета со нивното лого пред милионска публика. Често се случува актерката до последен момент да има два фустана во собата, а одлуката паѓа во зависност од последната понуда или од промената на расположението на стилистот (кој, да потсетиме, исто така го зема својот дел).
Не е сè во парите (но најчесто е)
Сепак, постои и онаа друга, поромантична страна на медалот. Понекогаш се случува стилистот или ѕвездата едноставно да „кликнат“ со некое парче, без разлика на буџетот. Тоа е оној редок, но можен момент кога помалите брендови успеваат да го пробијат звучниот ѕид и да им конкурираат на гигантите.
Во индустрија каде што билетот за првата лига скапо се плаќа, а правилата, како што видовме, се прилично сурови. Кога рефлекторите ќе се изгаснат, гламурот исчезнува. Фустаните се враќаат во showroom-ите, дијамантите под клуч, а агентите пресметуваат кој кому сè уште должи провизија. На крајот од денот, црвениот тепих е само најскапиот пазар на светот.
Н.Т
Ценовник за кој се молчи
Како воопшто се избира фустан за Оскарите?
Не е сè во парите (но најчесто е)