Дали навистина треба да пиеме два литра вода дневно?

Дали навистина на секој човек му се потребни точно два литра вода секој ден? Научните истражувања покажуваат дека одговорот не е толку едноставен. Потребите за вода зависат од возраста, телесната тежина, физичката активност, исхраната и временските услови.

Според здравствените препораки, дневниот внес на вода се однесува на вкупните течности што ги внесуваме преку пијалаци и храна. Значаен дел од дневните потреби за течности можат да дојдат и од храната.

Голема количина на вода содржат овошјето и зеленчукот како лубеница, краставица, портокал и домат.

Колку вода навистина му треба на телото?

Според препораките на експертите просечниот дневен внес на вкупни течности е околу 2,7 литри за жени и 3,7 литри за мажи.

Во овие количини се вклучени сите извори на вода, обична вода, чај, млеко, други пијалаци и течноста што природно се наоѓа во храната.

Како да знаете дали пиете доволно вода?

Телото најчесто само испраќа сигнали кога му недостига течност. Жедта, сувата уста, заморот, главоболката и потемната боја на урината можат да бидат знаци дека треба да внесете повеќе вода.

Во лето потребите се поголеми

Во топлите летни денови потребно е почесто да внесуваме течности. Особено важно е да внимавате на хидратацијата ако поминувате многу време на сонце, вежбате, работите на отворено. Најдобро е водата да се пие постепено во текот на целиот ден, наместо одеднаш да се внесуваат големи количини.

Дали може да се претера со вода?

Иако повеќето луѓе се загрижени дека пијат премалку вода, можно е и претерано внесување течности за краток период. Во ретки случаи, тоа може да доведе до нарушување на балансот на натриумот во организмот.

Затоа нема потреба да се присилувате да пиете огромни количини вода ако не сте жедни. Не е важно да броите точно колку чаши сте испиле, туку организмот да има доволно вода за правилно да функционира.