
На властите им пријавил обична трикатна куќа, но кога градбата била завршена, жителите останале без зборови пред раскошно архитектонско дело какво што никој не очекувал.
Во Баварија, на југоистокот на Германија, се наоѓаат некои од најубавите градови во земјата, бајковити замоци, алпски пејзажи и историски градби што го одземаат здивот. Меѓу нив особено се издвојува Пасау, познат како „градот на трите реки“, бидејќи токму тука се спојуваат Дунав, Ин и Илц.
Неговите барокни улици, импозантната катедрала „Свети Стефан“ и живописното старо градско јадро се добро познати меѓу туристите. Но, една необична градба и денес успева да ги изненади дури и оние што мислат дека во Пасау веќе виделе сè.
Зад ова несекојдневно архитектонско дело стои италијански архитект роден во Удине
На улицата Ostuzzistraße се наоѓа куќа која изгледа како да излегла од некоја бајка на браќата Грим. Станува збор за Вилата Остуци (Glasscherbenvilla), една од најнеобичните приватни куќи во Баварија, чие име во превод значи „Вила од стаклени парчиња“.
Доволен е само еден поглед кон фасадата за веднаш да стане јасно како го добила тоа име.
Нејзината надворешност е целосно покриена со шарени парчиња стакло, порцелан и керамика кои на сонце блескаат како скапоцени камења.
Автор на ова необично архитектонско ремек-дело е италијанскиот архитект Аристиде Остуци, роден во 1853 година во Удине. Подоцна се преселил во Пасау, каде што живеел и работел, а на почетокот на 20 век решил да ја изгради сопствената куќа – проект кој ќе стане негово животно дело.
На фасадата вградил искршени чинии, бокали, чинии, делови од религиозни скулптури…
Во март 1901 година Остуци до градските власти поднел проект за сосема обична трикатна куќа. Дозволата ја добил без никакви проблеми.
Но, кога градбата била завршена во септември 1902 година, жителите на Пасау биле пречекани од нешто сосема поинакво од она што го очекувале.
Наместо едноставна зграда, пред нив се појавило раскошно архитектонско дело кое никого не оставало рамнодушен.
Фасадата била украсена со искршени чинии, бокали, садови, делови од религиозни статуи и многу други предмети, внимателно вградени во ѕидовите.
Ништо не било поставено случајно. Секое парче било дел од сложени геометриски композиции, цветни мотиви и декоративни орнаменти кои сведочат за неверојатната прецизност и креативност на архитектот.
Од отпад создал вистинско уметничко дело
Особено впечатлива е играта на светлината.
Кога сончевите зраци ја осветлуваат вилата, илјадници стаклени парчиња ја прекршуваат и рефлектираат светлината, создавајќи впечаток дека целата градба блеска.
Токму поради овој ефект, многумина ја сметаат за една од најфотогеничните градби во Баварија.
И денес не е сосема познато како Остуци дошол до идејата за ваков начин на украсување.
Историчарите претпоставуваат дека користел отпадно стакло од локалните стакларници. Со оглед на тоа што производството на стакло со векови било една од најважните индустрии во Баварската Шума и околината на Пасау, ваков материјал имало во изобилство.
Она што за повеќето претставувало отпад, Остуци го претворил во едно од највпечатливите архитектонски обележја на градот.
Германската фондација за заштита на споменици помогнала во обновата
Архитектот маестрално комбинирал елементи од италијанската ренесанса, барокот и сецесијата, создавајќи градба која не може лесно да се смести во ниту еден архитектонски стил.
Иако изгледа како музеј, вилата и денес има станбена функција.
Се простира на околу 476 квадратни метри и е поделена на десет станови, во кои низ годините живееле бројни станари, меѓу кои и самиот Остуци.
Сепак, времето не било наклонето кон ова уникатно архитектонско дело. Кон крајот на 20 век вилата била во многу лоша состојба, па дури и нејзините препознатливи кули биле отстранети.
Во 2000 година започнала обемна реставрација, реализирана со поддршка на Германската фондација за заштита на спомениците, при што вилата повторно го добила својот препознатлив изглед.
Денес Вилата Остуци е еден од најнеобичните скриени бисери на Пасау и жив доказ дека креативноста, визијата и имагинацијата можат дури и најобичните, отфрлени материјали да ги претворат во безвременско архитектонско ремек-дело.
Н.Т
На фасадата вградил искршени чинии, бокали, чинии, делови од религиозни скулптури…