Дали женската мода во Македонија е премногу се*суализирана?

 

Во последната деценија, модата во Македонија, особено кај младите жени станува поле на интензивна дебата- дали се работи за слободен израз или за наметнат модел на сексуализирана естетика?

Одговорот не е едноставен.

Тој лежи на пресекот меѓу културни норми, медиумско влијание и индивидуален избор.

Според дефиницијата на сексуализација, таа се јавува кога вредноста на една личност се сведува на нејзиниот изглед и сексуална привлечност, често преку облека, поза или медиумска претстава.

Истражувањата покажуваат дека жените значително почесто се прикажуваат на ваков начин отколку мажите (иако и мажите започнаа фуриозно да го користат своето тело како начин на привлекување), што создава тесен и нереален стандард за убавина.

Овој глобален тренд има силен одраз и во Македонија. Но, за разлика од западните општества каде ваквите појави се веќе предмет на критичка анализа, во македонски контекст тие често се прифаќаат како „нормални“ или дури и пожелни.

Притисокот да се изгледа „одредено“

Иако на прв поглед изборот на облека изгледа како лична одлука, во реалноста тој е силно обликуван од општествени очекувања. Истражувањата за Западен Балкан покажуваат дека регионот и понатаму е длабоко под влијание на патријархални норми и традиционални родови улоги.

Во таква средина, жената се соочува со двоен притисок, да биде „модерна“ и атрактивна но истовремено да не ја „премине границата“ на прифатливото.Но ова создава парадокс, истото општество кое ја охрабрува визуелната привлечност, често ја осудува кога таа станува премногу изразена.

Дополнително, статистиките покажуваат дека и покрај тоа што жените се мнозинство во модната индустрија, тие често се наоѓаат во пониско платени и помалку влијателни позиции. Ова пак укажува дека нивниот изглед и презентација имаат поголема вредност од нивната моќ во системот, уште еден индикатор за структурна нееднаквост.

Влијанието на медиумите и ноќниот живот

Медиумите и социјалните мрежи играат клучна улога во нормализацијата на сексуализираниот изглед. Instagram и TikTok создаваат визуелна култура каде „outfit“ често е дизајниран за внимание, а не за функционалност или личен стил. Во македонскиот ноќен живот, овој тренд е уште понагласен.

Во клубови и барови, постои неформален „код“ на облекување кој фаворизира тесна и откривачка облека, нагласување на телесните атрибути силна шминка и визуелен ефект

Иако ова може да се толкува како форма на самодоверба и слобода, прашањето останува дали навистина станува збор за слободен избор, или за адаптација на очекувањата на околината?

Лична слобода или социјална конструкција?

Клучниот аргумент во одбрана на ваквата мода е личната слобода. Секоја жена има право да се облекува како што сака. Но, критичарите укажуваат дека изборите никогаш не се целосно „чисти“, тие се обликувани од културата, медиумите и економските фактори.

Во регионот, постојат и обиди за „ретрадиционализација“ или враќање кон конзервативни вредности кои ја дефинираат жената пред сè како мајка и домаќинка . Во таков контекст, сексуализираната мода може да биде и форма на отпор, но и нов вид ограничување, само со поинаков облик.

Реалноста- сложена, а не црно-бела

Женската мода во Македонија не може едноставно да се означи како „премногу сексуализирана“ или „целосно слободна“.

Таа е резултат на глобални трендови, локални културни норми економски и медиумски влијанија. Она што е јасно е дека модата не е само естетика туку таа е огледало на општеството.

А во македонскиот случај, тоа огледало покажува контрадикција- помеѓу модерноста што се стреми кон слобода и традицијата што сè уште поставува граници.

Н.Т