ЕЛЕНА ЛУКА беше дел од уште една хуманитарна акција и донираше новогодишни подароци во рамки на хуманитарниот настан во организација на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје.
Учениците од оваа скопска гимназија одржаа новогодишна претстава за децата од основните училишта, кои пак наместо билети донесоа новогодишни подароци кои ќе бидат поделени на дечињата кои во моментов се лекуваат на СОС детското село, Детската клиника, Одделот за детска хирургија и Институтот за белодробни заболувања Козле.
Од ЕЛЕНА ЛУКА истакнаа дека празниците се време за дарување, љубов и солидарност, а нивната цел како општествено одговорна компанија е да дадат придонес за оние кои имаат најголема потреба.
„Општествената одговорност на ЕЛЕНА ЛУКА како компанија е еден од приоритетите на кои ние работиме, како што е дел од визијата на нашиот генерален менаџер Елена Пандева (ЕЛЕНА ЛУКА). На овој настан ние дониравме 30 пакетчиња кои ќе им бидат дадени на оние на кои им се најпотребни. Со оваа активност, сакаме да ги поттикнеме и другите компании да бидат дел од вакви хуманитарни настани, со тоа што ќе може да придонесат нашето општество да биде подобро.“- велат од тимот на ЕЛЕНА ЛУКА
Посебна благодарност за донацијата од ЕЛЕНА ЛУКА изразија директорката на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ Елена Стојанова Димитров и професорката Татјана Алексиќ. Таа истакна дека хуманитарниот настан е една духовна мисија преку која ги учат децата на хуманост, во време на суров материјализам.
„Пред сѐ да се заблагодарам на ЕЛЕНА ЛУКА што се вклучи во оваа наша хуманитарна акција којашто трет пат по ред се одржува во нашето училиште, во организација на нашата драмска секција. За прв пат сега се вклучува компанија која што донира 30 пакетчиња, преку кои ќе може да насмееме 30 дечиња.“- рече директорката Елена Стојанова Димитров.
„Јас и се заблагодарувам на ЕЛЕНА ЛУКА, на нејзиниот вечен порив на хумани гестови, што успеа со нејзиниот дрим тим да спакуваат 30 пакетчиња, кои нашите деца ќе ги однесат на тие што најмногу им требаат за да ги израдуваат. Денеска направивме една многу интересна приказна, бајка каде се судираат доброто и лошото и секогаш секако на крајот победува доброто. Ова е претстава прилагодена за предучилишна и рана училишна возраст, денеска ги собравме тие деца, радоста е голема, задоволството е големо“. –истакна професорката Татјана Алексиќ.
Учениците од гимназијата „Корчагин“ кои беа дел од новогодишната претстава приредија одлична забава за најмладите и успеаја да ги насмеат и расположат.
„Сакаме да се заблагодариме на сите што беа присутни, навистина беше едно прекрасно чувство, таа волшебна магична атмосфера можеше да се почувствува на двете страни. Задоволство ни е што ние како поголеми можеме да им претставиме една поинаква атмосфера на малечките, да се опуштат, а воедно и да помогнеме. Оваа претстава има хуманитарна страна и навистина ни е чест да покажеме дека ние младите можеме да помогнеме.- рече Михаела Јакимовска.
„Минатата година имавме можност да донираме во Детската клиника и во Козле и навистина кога ќе ги видам насмеаните ликови на децата ми се исполнува душата, прекрасно е чувството да израдуваш дете.“- го сподели своето искуство Матеа Јовановска која втора година по ред е дел од оваа хуманитарна иницијатива.
Овој настан поттикнува позитивни промени и активности за посилна и посветена заедница. Подароците што ќе стигнат до оние на кои им се најпотребни ќе донесат радост и надеж, збогатувајќи го празничниот дух.
Бојана Стевческа