
Најпрестижниот филмски фестивал во светот отсекогаш бил место каде што киното ја добива својата најгламурозна форма. Но Канскиот филмски фестивал 2026 отвори едно многу подлабоко и непријатно прашање односно дали денес луѓето сè уште го следат Кан поради филмовите или поради спектаклот околу нив?
Овогодинешното 79-то издание на фестивалот, одржано од 12 до 23 мај под претседателство на јужнокорејскиот режисер Park Chan-wook, формално беше посветено на авторското кино, политички ангажирани приказни и сериозни режисерски имиња. Но во медиумскиот простор, на социјалните мрежи и во глобалната поп култура машинерија, Кан 2026 речиси целосно беше преземен од нешто друго, мода, претежно голи фустаниу, couture спектакл и визуелна естетика.
Филмовите се натпреваруваа за Palme d’Or. Но фустаните се натпреваруваа за алгоритам.
И токму тоа е суштината на трансформацијата што Кан ја доживува во последната деценија.
Црвениот тепих како нов медиум
Историски гледано, Кан отсекогаш бил тесно поврзан со модата. Уште од времето на Брижит Бардо, Софија Лорен и Грејс Кели, црвениот тепих бил продолжение на филмската митологија. Но тогаш модата служела за да го засили митот на киното.
Денес, сè почесто изгледа дека киното служи за да го оправда присуството на модата.
Во 2026 година тоа беше повидливо од кога било. Иако организаторите воведоа нови правила против екстремно проѕирни „голи фустани, огромни шлепови и претерани силуети, токму тие ограничувања произведоа уште поголем моден бунт. Наместо некаква дисциплина, Кан доби уште поголема театралност.
Ѕвезди како Бела Хадит, Деми Мур, Кристин Стујард, Ева Лонгорија, Шерон Стоун, се појавија во драматични couture креации, транспарентни материјали и силуети што практично тестираа до каде навистина стигнуваат границите на фестивалскиот протокол.
Модниот критичар Ванеса Фридман од The New York Times Style со години предупредува дека современиот црвен тепих повеќе не функционира како моден настан, туку како „стратешка визуелна кампања“. Секој изглед денес е внимателно калкулиран за Ток Ток клипови, Инстаграм фотосесии, бренд видливост и вирални моменти.
Кан 2026 беше учебник за тоа.
Кога couture стана поважен од кадарот
Она што е особено интересно е што годинава фестивалот имаше исклучително силна филмска селекција. Романскиот режисер Cristian Mungiu ја освои Palme d’Or со филмот Fjord, политички и емотивно комплексна приказна за романско семејство во Норвешка и судирот меѓу традиционализмот и либералната Европа.
Гран при му припадна на рускиот автор Andrey Zvyagintsev за Minotaur, филм што критичарите го опишаа како една од најмрачните политички алегории за современа Европа и војната во Украина.
Наградата за режија ја поделија полскиот режисер Paweł Pawlikowski за Fatherland и шпанското дуо Javier Calvo и Javier Ambrossi за La Bola Negra.
Но прашањето е колку од овие филмови навистина добија медиумски простор споредлив со фустаните?
Во дигиталната ера, филмот бара време, концентрација и анализа. Модата бара една фотографија.
И токму тука Кан влегува во нова културолошка фаза, фестивалот повеќе не е само филмски настан, туку глобален визуелен производ.
„Визуелна економија“- новата валута на културата
Францускиот социолог Guy Debord уште во 1967 година пишуваше за „општеството на спектаклот“, свет во кој сликата постепено станува поважна од самото искуство. Кан 2026 изгледаше како негово современо продолжение.
Денес фустанот има повеќе прегледи од филмската критика, Тик Ток анализите имаат повеќе прегледи од режисерско интервју, накитот добива повеќе медиумско внимание од сценарио, а трансформацијата на познатите станува културен настан сам по себе.
Модните куќи одамна го разбираат ова. За Шанел, Диор, Гучи или Картие, Кан денес е една од најмоќните глобални маркетинг сцени воопшто. Не случајно најголемите појавувања на познатите се резултат на договори со модни и накитни куќи.
Модниот историчар Керолајн Еванс ова го нарекува „fashion spectacle economy“ или момент кога модата повеќе не продава облека, туку културен статус и визуелна доминација.
И токму затоа денешниот црвен тепих е толку драматичен, тој мора да биде видлив во ера на дигиталената револуција.
Кан повеќе не е само филмски фестивал
За помладата генерација, Кан денес повеќе не е само филмски фестивал, туку естетски спектакл, театар на луксузот, екосистем на славни личности и машина за создавање содржина за социјалните мрежи
Публиката денес знае кој фустан го носела Бела Хадит. Но ретко знае кој ја освоил Camera d’Or.
И тоа не е случајно.
Алгоритмите не наградуваат тивка уметност. Тие наградуваат визуелен удар.
Токму затоа годинава дури и сериозните филмови како Fjord и Minotaur мораа да егзистираат паралелно со couture спектаклот за да останат видливи.
Дали ова е крај на филмскиот Кан?
Најверојатно не целосно.
Парадоксот е што Кан сè уште останува највлијателниот филмски фестивал во светот. Победата на Fjord веднаш го претвори филмот во глобалена „алатка“ за награди, а критичарите веќе го нарекуваат едно од најважните европски остварувања во последните години.
Но фестивалот дефинитивно се менува. Киното повеќе не е единствениот центар на вниманието. Денес тоа мора да коегзистира со модата, брендовите, инфлуенсер културата и дигиталната естетика.
Во 20 век, Кан создаваше филмски легенди.
Во 2026 година, Кан создава глобални визуелни моменти.
А можеби токму тоа е најточната дефиниција за современата култура,
не она што најдолго останува во меморијата, туку она што најсилно изгледа на екранот.
Небојша Толески
Црвениот тепих како нов медиум
Кога couture стана поважен од кадарот
„Визуелна економија“- новата валута на културата
Кан повеќе не е само филмски фестивал
Дали ова е крај на филмскиот Кан?