Гламур против гламур: Valentino и Elie Saab ја кренаа на нозе модната публика во Париз

Четвртата вечер на париската модна недела на висока мода донесе нешто кое долго ќе се памети- посебно ревиите на Валентино и Ели Сааб. Два различни концепти, ама и двата некако поврзани со носталгија, еве и зошто:

Валентино го претвори цел хангар во мали кино- сали. Всушност како фотографска лента од почетокот на 1920 година. Публиката ги гледаше воодушевувачките креации преку мали прозорчиња… 
„И убавината, на некој начин, може да биде застрашувачка. Затоа употребив многу силна техно-музика. За мене, таа на извесен начин ја претставува самата животна сила“- вели мозокот на оваа колекција- Алесандро Микеле.

„Мислам дека ова е она што денес го живееме: бучава, диви животни, нешто агресивно, како да се обидува да нè нападне. А во исто време постои и форма на убавина, нешто што доаѓа од некое друго место и нè тера да направиме нешто поинакво“- додава Миклеле.

Уште со првата силуета, длабоко засечен црвен фустан со спектакуларна драперија тонот е јасно поставен.

Микеле ја обојува својата колекција со атмосфера што потсетува на стариот Холивуд и златната ера на кинематографијата од 1920-тите години. Референца натопена со носталгија:
„Има многу алузии на тој период, бидејќи се обидував да се вратам наназад. Тоа е една од моите опсесии.“

Креациите се појавуваат како речиси свети објекти, надвор од каква било логика на потрошувачка.
„Киното овде не е повикано како обична технологија на сликата, туку како митолошки супстрат“, стои во официјалното соопштение на ревијата, „фабрика на икони, на возвишени тела, на појави создадени за обожување.“

Силуетите делуваат како да се населени од фантомски фигури од големото платно. Лесно може да се замисли Грета Гарбо како се лизга во свилен фустан, придружена од долга извезена наметка и раскошна капа од пердуви со нагласени пропорции. Или, пак, Марлен Дитрих во долг фустан целосно извезен со златни и сребрени цветови.

Ова е ново, магистрално дефиле на Valentino, потпишано од Алесандро Микеле, колекција што со елеганција и драматичност предизвика овации,

Од друга страна, либанскиот Дизајнер Ели Сааб не намали со својот префинет вкус кога се работи за рачно везени кристали.

Нежна носталгија е појдовната точка на Сааб за неговата колекција haute couture пролет–лето 2026. Дизајнерот испорачува раскошен омаж на ѕвездените ноќи на џет-сетот од 1970-тите години. Во атмосфера на светлосен полумрак, тој нè води на имагинарно патување од Милос до Маракеш, внесувајќи чувство на слобода и сензуалност во силуети што го отелотворуваат апсолутниот гламур на модната куќа, нејзината суштина и ДНК.

Омаж на златните ноќи на џет-сетот од 1970-тите

Од окер-градовите до Кикладите, музата на Ели Сааб се појавува како сончева и магнетична номадка, која го развива визуелниот јазик на куќата без да го наруши нејзиниот идентитет. Недофатлива и слободна, таа се облекува исклучиво во висока мода, гардероба со длабоко хедонистичка душа.

Овој наратив ја пренесува идејата за нескротлив дух: величествените фустани кокетираат со транспарентноста и се украсени со апстрактни принтови. Комбинезоните ги спојуваат златото и среброто, костумите блескаат од кристали, ресите добиваат на волумен, додека болерата и елеците се замислени како вечерни интерпретации на луксуз.

Боемските силуети се преосмислуваат за да ги опфатат Златните ноќи, насловот на оваа колекција. Речиси парадоксална изјава, колекција што ги задоволува сите строги критериуми на високата мода, а истовремено проповеда неодолива лежерност. Гардероба каква што со сигурност би ја прифатиле Талита Гети и Шер во седумдесеттите години.

Дева Касел — новата муза на Ели Сааб?

Дали Ели Сааб во Дева Касел ја гледа својата идна наследничка? Секоја нова колекција изгледа како нова можност таа повторно да прошета по пистата. Младата манекенка уште еднаш се истакна како ѕвезда на дефилето. Со медитеранскиот шарм наследен од нејзината мајка, Моника Белучи, Дева ја олицетворува совршената рамнотежа меѓу елеганција и спонтаност.

Н.Т