Понекогаш не се годините виновни за уморниот изглед на лицето, туку навиките кои секојдневно ги повторуваме без да размислиме. Дерматолозите предупредуваат дека некои вообичаени грешки во грижата за лицето можат да го забрзаат стареењето на кожата и да ги направат брчките уште повидливи.
Претерувате со пилинзи
Многумина веруваат дека честото отстранување на мртвите клетки ќе донесе помазна и посвежа кожа. Но, премногу пилинзи и киселини можат да ја оштетат природната заштитна бариера, што доведува до сувост, црвенило и чувствителност.
Го прескокнувате заштитниот фактор
Сончевите зраци се една од главните причини за предвремено стареење на кожата. Дури и кога е облачно или поминувате поголем дел од денот во затворен простор, УВ-зраците можат да предизвикаат губење на еластичноста и брчки. Затоа заштитниот фактор треба да биде задолжителен дел од секојдневната рутина, без разлика на годишното време.
Користите премногу активни состојки одеднаш
Ретинол, витамин Ц, киселини, серуми за осветлување, желбата за побрзи резултати често нè тера да комбинираме повеќе активни состојки отколку што кожата може да поднесе. Но, наместо подобар ефект, можат да се појават иритации и воспаленија што дополнително го забрзува процесот на стареење. Токму затоа се препорачува постепено воведување на нови производи.
Не ја хидрирате доволно кожата
Дури и масната кожа има потреба од хидратација. Кога ѝ недостасува влага, кожата изгледа уморно, губи еластичност и фините линии стануваат поизразени. Изборот на лесен, но хранлив хидратантен крем може значително да придонесе за посвеж и помлад изглед.
Спиете со шминка
Колку и да сте уморни, отстранувањето на шминката пред спиење не треба да се прескокнува. Остатоците од шминка, нечистотијата и маснотиите ги затвораат порите и го попречуваат природниот процес на регенерација на кожата во текот на ноќта. Затоа секогаш практикувајте да го чистите лицето пред спиење.