Италијанска дрскост и чиста елеганција: Долче и Габана го вратија мажот таму кај што припаѓа

Доколку некој сè уште имал сомнежи околу широчината и силата на кројачкиот удар на Dolce & Gabbana, есенската колекција не губеше време да ги разоружа. Поставена како прослава на индивидуалноста, ревијата понуди самоуверена парада на уникатно стилизирани изгледи на Миланската модна недела за мажи. Се претставија повеќе реномирани дизајнери, но како што одекна оваа колекција, ниту една друга не успеа.

Прецизни, мажествени одделни парчиња измешани со свесен стилски шарм, наменети да се комбинираат, слоевити и повторно составуваат. Зборот што постојано одекнуваше беше „присутност“ — онаа благо дрска, италијанска самоувереност што Стефано и Доменико ја усовршуваат уште од 1980-тите и која и денес им служи како Северна ѕвезда, водилка на нивниот долгогодишен манифест за машкоста.

Ревијата, насловена The Portrait of Man прикажа како мажите на Dolce & Gabbana се борат со тврдокорната општествена потреба машкиот идентитет да се сведе во однапред зададена рамка. „Во денешното општество има толку многу конформизам“, рекоа тие пред ревијата.

„Сакавме да ја прославиме индивидуалноста — приказните и особеностите зад секој маж, комплексноста на неговиот внатрешен свет, неговите спомени, неговата човечност.“

Пистата ја замислија како сцена за табло на современи архетипови: интроспективниот интелектуалец, медитеранскиот заводник, визионерот-претприемач, италијанскиот фланер.

„Не постои еден единствен начин да се биде маж“, нагласија тие. „Има онолку можности колку што има мажи, и секој заслужува свој сопствен портрет.“

Секако, Стефано и Доменико се погрижија секој портрет да биде ништо помалку од совршено изведен, стилизиран до најситен детаљ со онаа негувана дрскост што само тие умеат да ја изнесат. Елеганцијата, во нивни раце, е моќна и впечатлива.

„Во денешната мода нема трендови; сè е фрагментирано“, забележаа тие. Како остри набљудувачи на општествените ритми, укажаа дека она што луѓето го носат е огледало на непредвисливите бранови на духот на времето.

„Се сеќаваме кога ја лансиравме D&G, нашата помлада линија во 1990-тите“, раскажаа. „Поминувавме часови на улиците на Њујорк, проучувајќи како се облекуваат луѓето, впивајќи го секој мал детаљ.“

Денес, според нив, модата повеќе не е модна во класична смисла. Станува збор за трасирање сопствен пат, за диктирање лични правила, за создавање единствена, неповторлива униформа. Сепак, идејата за италијанското ben vestire останува сидрото на нивниот траен стил, втемелен во уметноста на старата школа на кроење, а новата ревија понуди изобилство убедливи примери за тоа.

Надоврзувајќи се на сопствените најголеми успеси, ревијата понуди тренч-мантил од вештачко крзно, повеќе наменет за спектакуларно појавување отколку за заштита од студ; меко скроени костуми од волна, со рамена доволно нагласени за да го привлечат погледот, но и доволно флуидни за слободно движење; остри, дворедни палта, опуштени, високо струкирани панталони со ретро призвук, заокружени со плишани, кружно обликувани плетени џемпери.

Црната боја делуваше како создадена за педантен денди стил со вкус за хедонизам, бајкерски јакни и бомбери беа слоевито комбинирани со заводливи, вешто искинати фармерки, а за финалето- низа темни смокинзи, стегнати во половината со појаси што наликуваа на корсети за господа.

Ревијата се движеше со брз и енергичен ритам, а огромниот спектар на изгледи беше држен во јасен фокус благодарение на сигурната, зрела мајсторија на дизајнерите. Тие како да стануваат сè подобри со времето.

Н.Т.