Како би изгледале светските диви во висока мода инспирирана од Македонија? AI го има одговорот

Вештачката интелигенција секојдневно руши граници и создава визуелни чуда, но сè почесто се поставува прашањето, колку навистина знаеме правилно да ја користиме? Денес AI алатките можат за неколку секунди да создадат слики, концепти, сценографии и модни идеи што некогаш бараа недели работа. Но, колку и да е моќна, вештачката интелигенција не е секогаш совршено прецизна, ниту секогаш целосно точна. Таа бара човечка насока, вкус, селекција и јасна визија.

Токму затоа, кога се користи внимателно и со вистинска креативна цел, може да стане исклучително корисна алатка. Ние како медиум решивме да ја употребиме токму во таа насока – за забавна, креативна и културно инспиративна задача. Ѝ зададовме прецизни насоки- да замисли како би изгледале некои од најголемите светски ѕвезди доколку облечат couture фустани инспирирани од македонски мотиви, артефакти, традиционална уметност и препознатливи културни знаменитости.

Резултатот беше визуелен спој на наследство и висока мода, каде Македонија доби нов, гламурозен јазик. Во центарот на оваа модна фантазија ги поставивме Никол Кидман, Моника Белучи, Шарлиз Терон и Анџелина Џоли.

Никол Кидман во фустан инспириран од Камениот мост и Скопската тврдина

За Никол Кидман, AI создаде монументален долг фустан со архитектонска силуета, инспириран од Камениот мост и Скопската тврдина, две од најпрепознатливите историски обележја на главниот град. Но во суптилна насока.

Камениот мост, изграден помеѓу 1451 и 1469 година во времето на султанот Мехмед II Освојувачот, претставува повеќе од мост над Вардар. Тој е врска меѓу епохи, цивилизации и култури. Во модната интерпретација, неговите сводови беа преточени во драматични линии на корсетот и волуменозниот пад на здолништето, додека текстурата на каменот беше пренесена преку метален релјефен вез.

Скопската тврдина, пак, внесе чувство на сила и историска доминација, што се гледаше во строгите рамени линии и царската силуета.  Никол Кидман изгледа како модерна владетелка на модна империја.

Моника Белучи и филгранската пеперутка како симбол на женственост

За Моника Белучи, инспирацијата дојде од еден извонреден македонски накит – филигранскиот брош со пеперутка, симбол на трансформација, слобода и елеганција.

Ова парче, инспирирано од македонски народен накит од 19 век, некогаш го носеле жени-аџии како заштитен амулет за просперитет и духовно водство.

Во AI верзијата, фустанот е сензуален, со нагласена силуета и раскошни метални филигрански линии кои се шират преку телото како крилја. Резултатот беше совршен спој на наследство и медитеранска заводливост.

Шарлиз Терон во бисерен минимализам инспириран од Охрид

За Шарлиз Терон, вештачката интелигенција избра поинаков пристап, чистота, префинетост и беспрекорна елеганција инспирирана од Охридскиот бисер.

Охридскиот бисер е еден од најпрепознатливите симболи на Македонија, поврзан со традиција, тајна занаетчиска техника и уникатен сјај. Во модната интерпретација, фустанот е изработен како скулптура во бело-сребрени тонови, со стотици бисерни детали распоредени по телото.

Линијата е минималистичка во одредени делови, но моќна, токму како стилот на Терон. Резултатот наликува на париска couture креација со македонска душа.

Анџелина Џоли и витражите на Македониумот

За Анџелина Џоли, инспирацијата дојде од еден од најмоќните симболи на македонската историја – Македониумот во Крушево, особено неговите легендарни витражи.

Некои велат дека обоените прозорци ги претставуваат четирите годишни времиња. Кога светлината паѓа под различен агол, внатрешноста создава нови форми и бои. Токму тој ефект беше преточен во фустанот.

AI создаде драматична тоалета од транспарентни слоеви во сина, црвена, жолта и зелена нијанса, кои се прелеваа како светлина низ стакло. Телото на Џоли изгледа како жива инсталација на висока мода и современа уметност.

Овој експеримент покажа нешто многу важно, вештачката интелигенција може да биде силна алатка, но само кога зад неа стои идеја. Без насока, таа создава слика. Со визија, таа создава приказна. Може секогаш да биде различна, зависи како ќе ја раскажеме…

Небојша Толески