Канцелариската мода никогаш не била само прашање на облека.
Таа ги следела промените во општеството, положбата на жената, работната култура и сфаќањето за професионалност. Од строгите фустани и костуми до денешните широки панталони, блејзери и удобни обувки, начинот на кој жените се облекуваат за работа поминал низ голема трансформација.
1920те и 1930те - елеганција и строги правила

Во периодот меѓу двете светски војни, сè повеќе жени започнале да работат во канцеларии, најчесто како секретарки, дактилографки и административни службенички. Нивната облека требало да биде уредна, пристојна и ненаметлива. Во 1920-тите се носеле поедноставни фустани со пониска половина, блузи и здолништа, додека во 1930-тите костумите станале позастапени. Се внимавало на деталите, шешири, ракавици и чанти биле важен дел од целокупниот изглед.
1940те - практичноста пред сè

Втората светска војна донела големи промени и во гардеробата. Поради недостигот на материјали, облеката станала поедноставна, со помалку декоративни детали и попрактични кроеви. Многу жени презеле работни места што претходно ги извршувале мажите, па облеката сè повеќе морала да овозможува движење и удобност.
1950те - женственост и беспрекорен изглед

По завршувањето на војната, во мода повторно се вратила нагласената женствена силуета. Во канцелариите биле популарни фустаните со нагласена половина, здолништата до колена, тесните џемпери и костумите со кратки, структурирани сакоа. Изгледот бил уреден и внимателно составен, а високите потпетици и малите чанти биле чести модни додатоци. Во овој период професионалниот изглед сè уште бил тесно поврзан со традиционалните очекувања за женственост.
1960те и 1970те - повеќе слобода и нови силуети

Во 1960-тите канцелариската мода станала помодерна и поразновидна. Се носеле фустани со едноставен крој, кратки сакоа, здолништа и блузи со впечатливи јаки. Во следната деценија, со сè поголемото присуство на жените во професионалниот свет, панталоните станале поважен дел од женската работна гардероба. Се појавиле пошироки кроеви, костуми инспирирани од машката мода и попрактични комбинации. Облеката постепено станувала начин жените да покажат и професионалност и индивидуалност.
1980те - ерата на моќните костуми

Осумдесеттите се веројатно една од најпрепознатливите децении кога станува збор за канцелариската мода. Во период кога жените сè повеќе напредувале во бизнисот и раководните позиции, се појавил таканаречениот power dressing - стил што требало да зрачи со авторитет, самодоверба и амбиција. Блејзерите со нагласени раменици, костумите со јасна структура, здолништата со прав крој и впечатливите ремени станале симбол на оваа ера. Боите биле похрабри, а накитот и фризурите често биле впечатливи.
1990те - минимализам и опуштен деловен стил

Во деведесеттите, претерано нагласените силуети од претходната деценија постепено отстапиле место на почисти линии и посмирени комбинации. Во фокусот биле црните и сивите костуми, белите кошули, тесните здолништа, панталоните со прав крој и едноставните чевли. Се задржала идејата за професионален изглед, но тој станал поминималистички и помалку формален.
2000те - спој на деловна облека и личен стил

Во првите години на новиот милениум, канцелариската гардероба станала поразновидна. Класичните костуми сè уште биле присутни, но почесто се комбинирале со поопуштени блузи, плетени парчиња, впечатливи чанти и накит. Сè поголемата достапност на модата им овозможила на жените да ги комбинираат деловните парчиња со сопствениот вкус, без да се придржуваат до еден строго дефиниран изглед.
Денес - удобност, индивидуалност и флексибилност

Денешната канцелариска мода е многу пофлексибилна. Класичниот блејзер и панталоните со висок струк сè уште се важни, но сега често се комбинираат со маици, плетени џемпери, рамни чевли, мокасини, па дури и со чисти, минималистички патики, зависно од работната средина. Популарни се широките панталони, елеците, костумите со опуштен крој и неутралните тонови. Наместо еден задолжителен деловен изглед, денес постојат различни начини да се изгледа професионално, а истовремено да се задржи личниот стил.
Од униформа до личен израз
Промените во канцелариската мода покажуваат дека облеката отсекогаш била поврзана со положбата на жената во општеството. Некогаш се очекувало таа да изгледа уредно, но ненаметливо, потоа костумот станал симбол на професионална амбиција, а денес најголемата вредност е во можноста да се спојат удобноста, самодовербата и личниот стил. Модата во канцеларијата повеќе не подразбира строго правило, таа е одраз на времето во кое живееме.
← Претходен