Како се оддава почит на модна ревија? Модна дипломатија

Во светот на модата, посебно онаа високата, постојат правила што ретко се изговараат гласно, но се подразбираат. Едно од нив е начинот на кој гостите им оддаваат почит на дизајнерите и модните куќи кога седат во првите редови на ревиите. Во модниот речник тоа не е само прашање на стил, туку на етика, почит и разбирање на модната култура.

Почит кон дизајнерот преку облеката

*Кејт Мос облечена во Ив сен Лоран на ревијата на Ив сен Лоран

Кога сте поканети на модна ревија, особено ако сте јавна личност, моден уредник или инфлуенсер, се смета за знак на почит да носите креација од брендот што ве поканил. Тоа е еден од најстарите и најелегантни модни кодекси.

Гостите на ревијата со тоа испраќаат јасна порака, тие не се само публика, туку и дел од визуелната приказна што брендот ја создава.

Најдобар пример за ова правило може да се види и за време на Париската модна недела која е во тек и која во моментов ја претвора француската престолнина во центар на глобалната модна сцена. Во првите редови на ревиите, познатите личности речиси секогаш се појавуваат облечени токму во креации од модната куќа која ги поканила.

*Шарлиз Терон во Диор на ревијата од Диор

Така, на ревиите на Dior често се гледаат гости во препознатливи силуети на брендот, додека на ревиите на Chanel доминираат твид јакни, бисери и естетиката што ја постави Coco Chanel. На ревиите на Louis Vuitton, пак, познатите личности носат парчиња од најновите колекции или архивски модели на куќата.

*Мишел Фајфер облечена во Ив сен Лоран на ревијата на Ив сен Лоран

Првиот ред како продолжение на ревијата

Модните критичари често велат дека првиот ред е „продолжение на пистата“. Причината е едноставна, модните куќи внимателно избираат кој ќе седи таму и што ќе носи.

Ѕвездите и гостите се дел од сценографијата на ревијата. Нивните фотографии се појавуваат во медиумите ширум светот и на социјалните мрежи, создавајќи дополнителна видливост за брендот.

*Донатела Версаче во Гучи на ревијата од Гучи

Кога актерка, пејачка или модна икона ќе се појави во креација од брендот на чија ревија присуствува, тоа претставува силна форма на поддршка. Тоа е визуелен знак на соработка и почит кон креативниот директор и кон модната куќа.

Непишаното правило на модните недели

На сите големи модни недели – од New York Fashion Week до Milan Fashion Week  постои ова непишано правило.

Гостите ретко доаѓаат во облека од конкурентски бренд. Напротив, стилските тимови и модните куќи често однапред избираат облека за познатите личности што ќе седат во првиот ред.

*Меколи Калкин во Диор на ревијата од Диор

На тој начин се создава целосна естетска приказна:

пистата ја прикажува новата колекција

првиот ред ја покажува модата во реален контекст

медиумите ја пренесуваат таа визуелна симфонија до светската публика.

Почит, соработка и модна дипломатија

Во суштина, носењето облека од брендот што ве поканил не е само моден избор. Тоа е форма на модна дипломатија.

*Наоми Вотс во Балман на ревијата од Балман

Со тој гест гостите му оддаваат признание на трудот на дизајнерот, на тимот што стои зад колекцијата и на наследството на модната куќа. Во свет каде што имиџот и визуелниот впечаток се клучни, ваквите детали носат голема тежина.

Затоа модните експерти велат дека вистинската елеганција на модните недели не се гледа само на пистата туку и во начинот на кој гостите знаат да покажат почит кон модата што ја слават.

Н.Т