Кејт Мидлтон покажа дека таканаречената „newsboy“ капа, моден додаток за кој мислевме дека е надминат, може да биде и тоа како модерен и елегантен.
За време на посетата на Wakefield Rugby Club на северот на Англија, Кејт Мидлтон оживеа аксесоар кој досега се сметаше за застарен. Станува збор за „newsboy“ капата, позната и како „baker boy“ капа. Со плетенка која нежно паѓаше преку рамото и опуштен стил кој комбинираше тесни фармерки, „воена“ јакна и чизми за планинарење, принцезата на Велс уште еднаш покажа дека елеганцијата и практичноста можат да одат рака под рака.
Капата што ја избра Кејт, од брендот House of Bruar, е инспирирана од работничката класа. Токму овој модел во 19‑тиот век го носеле припадници на пониските социјални слоеви, пред сè поради цврстиот материјал и топлината. Денес, оваа капа се изработува од осум внимателно зашиени делови, со копче обвиткано во ткаенина на врвот и краток, цврст визир.
За да го комплетира својот изглед, Кејт ја комбинираше капата со зелен џемпер со високо грло од иста колекција, јакна на Dubarry of Ireland, чоколадно‑кафеави тесни фармерки и високи чизми.
View this post on Instagram
Овој модел беше еден од IT аксесоарите на почетокот на 2000‑тите. Newsboy капата ја носеше Ен Хатавеј во филмот Ѓаволот носи Прада и Бритни Спирс во своите музички спотови. Денес, брендови како Chanel, Khaite и Gucci ја реинтерпретираат во модерни и храбри верзии, твид во живописни бои, мека кожа, предимензионирани модели или разиграни стилови.
Н.Т