Кејт во бојата на пурпурот и накит стар еден век

На црвениот тепих во Лондон, принцезата од Велс не откри само нова модна приказна, туку и едно од најретко видените парчиња од кралската колекција

Кејт Мидлтон не се појави само во виолетова тоалета. Таа на црвениот тепих донесе кралска приказна стара повеќе од еден век.

За светската премиера на „Digger“ во Лондон, принцезата од Велс избра драматична Jenny Packham креација во длабока виолетова нијанса, но токму накитот беше деталот што го претвори нејзиниот изглед во вистински кралски моден момент.

Околу вратот носеше Amethyst Sautoir, една од најретко видените огрлици од кралската колекција, парче кое во јавност последен пат се појави пред цели 14 години.


Огрлицата има приказна која започнува во 1923 година, кога кралицата Александра ѝ ја подарила на Лејди Елизабет Боус-Лајон, идната кралица-мајка, како свадбен подарок пред нејзиниот брак со принцот Алберт, идниот крал Џорџ VI.

Станува збор за раскошен sautoir со три низа бисери, дијаманти и големи аметисти, кој завршува со впечатлив медалјон во форма на срце аметист опкружен со дијаманти. Виолетовите камења речиси совршено се надоврзаа на нијансата на Кејтината тоалета, создавајќи впечаток како накитот да е создаден специјално за оваа креација.


Токму тука се крие и причината поради која оваа појава привлече толку големо внимание. Огрлицата со години речиси не се појавува во јавност.

Последен пат била видена во 2012 година, кога кралицата Камила, тогаш војвотката од Корнвол, ја носела на премиерата на филмот „Skyfall“ во Royal Albert Hall. Оттогаш, парчето било чувано во кралскиот трезор, сè до оваа недела, кога Кејт повторно го изнесе пред камерите.

Со тоа изборот на накитот доби уште поголема тежина: Кејт не избра само парче кое одлично се совпаѓа со виолетовата Jenny Packham тоалета, туку врати во јавноста еден од најретко видените кралски накити.


А токму тоалетата е приказна сама за себе.

Jenny Packham за Кејт креираше драматична виолетова шифонска креација со длабоко V-деколте, плисиран горен дел, широки драматични ракави и раскошно здолниште кое паѓа во мек, лелеав волумен.

Креацијата е прилагодена верзија на модел од есенската колекција на Jenny Packham за 2016 година. Оригиналниот модел бил изработен од свилен шифон во боја на грозје и имал длабоко V-деколте, волуменозни ракави со откриени раменици, плисирани детали и широко здолниште со краток шлеп. За Кејт дизајнот е адаптиран со позатворени ракави и cape-ефект во пределот на рамената.


Токму драматичниот волумен е она што ја издвојува креацијата. Наместо строга, скулптурална силуета, Jenny Packham создава движење, материјалот се шири околу Кејт и паѓа во меки набори, правејќи ја тоалетата да изгледа речиси како да лебди околу неа.

Длабокото V-деколте, пак, го отвора просторот за главниот накит на вечерта: виолетовиот аметист во форма на срце, поставен меѓу бисери и дијаманти.

Но Кејт тука не застана со кралската историја.

На ушите носеше дијамантски и бисерни обетки што некогаш ѝ припаѓале на принцезата Дијана, со што во еден изглед спои две значајни жени од британската кралска историја, кралицата-мајка и Дијана.

Косата ја носеше полуподигната, со меки прамени околу лицето, оставајќи го накитот целосно видлив. Стајлингот остана доволно чист за ништо да не се натпреварува со огрлицата и силуетата на тоалетата.


До неа, принцот Вилијам се појави во класичен црн кадифен смокинг.

Појавувањето на принцот и принцезата од Велс на премиерата на „Digger“ беше поврзано со Royal Film Performance и поддршката на Film and TV Charity, организација која им помага на луѓето што работат во британската филмска, телевизиска и кинематографска индустрија.

Но вечерта во Лондон ќе остане запаметена пред сè по виолетовата Jenny Packham и накитот кој по повеќе од една деценија повторно излезе од кралскиот трезор.

Кејт овојпат не носеше само вечерна тоалета.

Таа носеше 1923 година, кралицата-мајка, Дијана и повеќе од еден век британска кралска историја, споени во еден моден изглед.