
Во светот на висока мода, каде што секоја сезона се паметат по некои иконични креации, вечерниот фустан „Koh‑I‑Noor“ од есен-зима 1996 се издвојува како едно од најспектакуларните остварувања на Џанфранко Фере, тогашен креативен директор на модната куќа Диор.
Естетика на раскошот

Фустанот „Koh‑I‑Noor“ е изработен од приближно праска боја, плисе тул во комбинација со фина чипка, богато везена со арабески од страз, кристали и златни бисери. Овој вид на декорација создава игра на светлина и сенки, со ефект на светкање што ја нагласува гламурозноста на високата мода.

Името „Koh‑I‑Noor“, потеклото кое е од Индија и значи „Планина на светлина“ е директна референца на истоимениот светски познат дијамант, дел од британската кралска круна. Дијамантот е симбол на богатство, сјај и моќ, и Фере го пренесува овој концепт во модата.

Фустанот создава визуелен ефект на драгоцен камен на жената што го носи, со светкавите акценти и воздушната структура која ја имитира „светлината“ на дијамантот.
Модна архитектура од Фере

Фере, чие име често се поврзува со „модна архитектура“, ги третираше облеките како структури, рамка во која женското тело е едновремено нагласено и ослободено преку материјали со волумен и димензија. За време на својата работа во Диор (1989–1996), тој ја синтезираше класичната естетика на куќата со современост, создавајќи фустани кои имаат „лица“ со сопствена приказна.
Техника и изработка
„Koh‑I‑Noor“ ја потврдува традицијата на високата мода на Диор. Беспрекорна изработка, рачни везови и внимание до секој детал. Плисе тулот е обработен за да создаде фина, воздушна структура, додека чипката, украсена со кристали ја нагласува мекоста на бојата и волуменот на ткаенината. Техничката комплексност го прави овој фустан ремек‑дело на високата мода, што е и една од причините за неговата историска значајност.
Историска и модна важност
Колекцијата за есен-зима 1996, наречена „Indian Passion“ или Индиска страст беше последна голема haute couture презентација на Фере за Диор пред неговото заминување. Таа ја потенцираше неговата почит кон богатите текстури и интеркултурни референци, вклучувајќи индиски мотиви, а фустанот „Koh‑I‑Noor“ е врвниот пример на оваа естетика.
Фустанот се смета за историски значаен поради неколку причини:
-
Кулминација на Фере во период во кој работеше за Диор, синтеза на класичност и современост.
-
Симбол на опсежна рачна изработка, ремек‑дело на haute couture со највисоко ниво на занаетчиство.
-
Културна и симболичка референца, преку името и деталите, создава врска помеѓу западната мода и ориенталната естетика, како и паралела со дијамантот Koh‑I‑Noor.
На крај, „Koh‑I‑Noor“ не е само вечерен фустан, тој е икона на ера во модата, симбол на луксуз, креативност и историска свест. Боите, материјалите и светкавите детали создаваат ефект на „светлина“ што го поврзува модниот дизајн со сјајот на дијамантот Koh‑I‑Noor. Со оваа креација, Фере ја остави својата неизбришлива трага во историјата на високата мода и ја дефинира елеганцијата на 90‑тите на нов начин.
Н.Т
Историска и модна важност