Сметката за електрична енергија често е повисока отколку што очекуваме, а причината не секогаш е во големиот број вклучени апарати.
Некои уреди трошат многу електрична енергија за кратко време, други работат со часови, а трети се вклучени речиси непрекинато. Затоа, важно е да знаеме кои апарати најмногу придонесуваат кон потрошувачката и како правилно да ги користиме.
Како уреди со поголема потрошувачка се бојлерите, клима-уредите и шпоретите. Сепак потрошувачката зависи од навиките на секое домаќинство, сезоната и ефикасноста на уредите.
Електричниот бојлер
Електричниот бојлер е еден од најголемите потрошувачи во многу домаќинства. Потрошувачката зависи од капацитетот на бојлерот, температурата на водата, бројот на членови во домаќинството и количината топла вода што се користи секојдневно. За да избегнете непотребна потрошувачка, не загревајте повеќе вода отколку што ви е потребно. Проверувајте дали термостатот функционира правилно и одржувајте го бојлерот според препораките на производителот.

Клима-уредот
Климата може да биде најголемиот потрошувач во домот во периодите кога секојдневно се користи за греење или ладење. Потрошувачката сепак зависи од моќноста и ефикасноста на уредот, големината на просторијата, изолацијата, надворешната температура и бројот часови на работа. За поекономична работа, избегнувајте екстремно ниски температури во лето и превисоки во зима.

Електричниот шпорет
Готвењето може значително да придонесе за повисока сметка, особено ако често се користат рерната и повеќе рингли истовремено. Рерната троши електрична енергија за да ја достигне и одржува зададената температура, а времетраењето на печењето и избраната температура влијаат врз вкупната потрошувачка. Користете садови со соодветна големина за ринглата, покривајте ги тенџерињата со капак и избегнувајте непотребно отворање на рерната додека храната се пече.

Машината за сушење алишта
Машината за сушење може да биде значаен потрошувач, особено ако се користи неколку пати неделно. Разликата меѓу моделите е голема - машините со топлинска пумпа вообичаено трошат помалку електрична енергија од класичните модели со електричен грејач. При купување, проверете ја енергетската ознака и потрошувачката наведена од производителот. Кога временските услови дозволуваат, сушете ги алиштата на сушалник. Редовно чистете ги филтрите и добро исцедете ги алиштата пред да ги ставите во машината.

Фрижидерот и замрзнувачот
За разлика од другите апарати, фрижидерот работи 24 часа на ден, па неговата енергетска ефикасност е особено важна. Потрошувачката зависи од големината, староста, моделот, температурата во просторијата и колку често се отвора вратата. Не ставајте топла храна директно во фрижидерот, не ја оставајте вратата долго отворена и проверувајте дали гумата добро затвора. Важно е и да има доволно простор за циркулација на воздухот околу уредот.

Машината за миење садови
Машината за миење садови троши електрична енергија главно за загревање на водата и сушење на садовите. Вкупната потрошувачка зависи од бројот на циклуси, избраната програма и енергетската ефикасност на моделот. Користете ја еко-програмата и вклучувајте ја кога е наполнета. При купување, проверете ја потрошувачката наведена на енергетската ознака, која кај машините за садови се прикажува за 100 циклуси.

Машината за перење алишта
Машината за перење не троши струја само додека го врти барабанот. Значителен дел од енергијата се користи за загревање на водата, па затоа температурата на перење има големо влијание врз потрошувачката. Кога материјалите и степенот на извалканост го дозволуваат тоа, избирајте пониски температури и еко-програми.
