Ако балканската селебрити сцена ја погледнеме со малку построги модни критериуми, листата станува многу поинтересна
Од Јелена Карлеуша и Северина до Тамара Калиниќ и Николина Пишек, балканската сцена има жени кои не ја следат само модата, туку создаваат сопствен визуелен јазик
Кој има најмногу стил на Балканот?
Прашањето звучи едноставно, но одговорот воопшто не е. Особено затоа што модниот стил не е исто што и скапа облека, листа на луксузни брендови или број на следбеници на Инстаграм.
Да носите Баленсијага, Долче и Габана, Прада, Диор не значи автоматски дека имате стил. Модата бара нешто потешко, способност да препознаете што ви припаѓа, да разберете пропорција, силуета, материјал и контекст и на крајот, најважното, да изгледате како вие да ја носите облеката, а не облеката да ве носи вас.
Токму затоа, ако балканската селебрити сцена ја погледнеме со малку построги модни критериуми, листата станува многу поинтересна.
Тамара Калиниќ – кога личниот стил станува меѓународен јазик
Ако критериумот е реална поврзаност со современата меѓународна мода, тешко е да се заобиколи Тамара Калиниќ.

Таа одамна не е само регионална инфлуенсерка. Нејзината гардероба редовно се појавува во контекст на светските недели на модата, а Vogue Adria ја издвојува токму по способноста високата мода да ја претвори во комбинации кои се истовремено впечатливи и носливи. Во 2025 година нејзините изданија од Fashion Week повторно се движат од минимализам и класични парчиња до понагласена street-style естетика.

И тоа е важна разлика.
Тамара не се потпира секогаш на „погледај ме“ ефектот. Таа може да носи едноставна бела маица, здолниште и Mary Jane чевли и повторно да изгледа како да излегла од моден едиторијал. Токму таквата способност за стилизирање, а не само облекување, е еден од најважните показатели за личен стил.

Нејзините street-style појавувања од Њујорк во 2025 година се добар пример, сатенски макси фустан со минималистички чевли и прецизно избрани аксесоари, или бела маица со плетиво, кожно здолниште и класични чевли.
Таму модата престанува да биде демонстрација на богатство и станува демонстрација на вкус.
Јелена Карлеуша – најхрабрата, најтеатралната и најмалку безопасната
Карлеуша е сосема друга приказна.
Ако кај Тамара доминира рафинираноста, кај Јелена Карлеуша доминира модниот спектакл.

Нејзиниот стил никогаш не бил создаден за да помине незабележано. Силуети што го нагласуваат телото, футуристички елементи, екстремни пропорции, латекс, металик површини, огромни аксесоари и комбинации кои намерно ја поместуваат границата меѓу мода и сценски костим, тоа е нејзиниот визуелен речник.
И токму тука треба да бидеме фер кон неа- Карлеуша не е интересна затоа што секој нејзин изглед е совршен. Интересна е затоа што има идентитет.

Во нејзиниот случај, облеката е продолжение на сценскиот карактер. Таа не се обидува да биде „невидлива“ во модата, туку од неа прави перформанс.
Тоа е и причината зошто нејзината мода треба да се чита повеќе како модна изјава отколку како обична елеганција на позната личност.
Но тука лежи и нејзината слабост, кога желбата за ефект ќе стане поголема од силуетата, изгледот може лесно да премине од храбар во преоптоварен.

Карлеуша не секогаш има најдобар стајлинг, ама речиси секогаш има став. А тоа во модата вреди многу.
Северина – една од најкомплетните балкански модни личности
Северина е можеби најдобриот пример за долговечен личен стил.
Нејзиниот моден јазик се менувал низ годините, но никогаш целосно не исчезнал препознатливиот спој на женственост, сексапил, драматичност и игра со трендовите.

Модните медиуми со години ја следат токму поради тоа. Нејзините комбинации често се базираат на големи имиња како Доче и Габана, Диор, Маноло Бланик, но нејзината сила не е само во етикетите. Таа има способност да спои парчиња со различен карактер и да создаде целина.
Интересно е што и модните критики за неа не се едногласни и тоа е добро.

Еден од најдобрите показатели дека некој е модно релевантен е кога неговите комбинации предизвикуваат дискусија, наместо сите автоматски да се согласуваат дека изгледот е „убав“.
Во еден нејзин изглед критичарите дури анализирале како намерно спојува сосема различни визуелни кодови – од Carmen до Olive Oyl.

Тоа е токму она што ја прави Северина интересна, таа не се плаши од модната игра.
Мaja Берoвиќ – од балкански гламур до пософистицирана естетика
Мaja Берoвиќ е име кое не би требало да биде прескокнато.
Нејзиниот стил помина низ забележлива трансформација. Од периодот во кој доминираа луксузни брендови, барокни принтови и нагласен сексапил, постепено се појавија посведени комбинации.

Токму оваа еволуција е важна.
Модата не е фотографија од еден ден, туку процес.
Нејзиниот стил во одреден период беше опишуван како еден од најмодерните на српската сцена, а модните анализи особено ја издвојуваа нејзината способност да носи смели парчиња без комбинацијата целосно да стане кич.

Дека може да функционира и без спектакл покажа и со сведени комбинации со широки панталони, корсет и минималистички сандали.
А токму тоа е тестот!

Ако една ѕвезда изгледа добро и без светки, огромно лого и екстремна деколтеа, тогаш веројатно навистина знае нешто за стилот.
Николина Пишек – тивката страна на балканската елеганција
Во листата е и Николина Пишек токму затоа што претставува спротивност на Карлеуша.

Нејзиниот моден јазик е многу посмирен, силуета, крој, чисти линии, добар избор на материјали и внимателно дозирани детали.

И тоа е важна лекција за балканската селебрити мода.
Понекогаш најдобро облечената жена во просторијата е онаа која не се обидува да биде најгласната.
Николина Јовановиќ – експериментот како личен потпис
Николина Јовановиќ, односно Николija, е интересна токму затоа што никогаш не се вклопува целосно во една категорија.

Нејзиниот стил се движи меѓу улична мода, футуристички елементи, женственост и поагресивна сценска естетика.
Уште во модните едиторијали за неа се зборувало за „експериментален“ стил, а самата има објаснето дека не сака нужно да ги следи трендовите и дека најважно ѝ е како се чувствува во комбинацијата.

И тоа е можеби една од најважните дефиниции на стилот: не да изгледаш како трендот, туку трендот да изгледа како тебе.

Сара Јо – генерацијата што не се плаши од мешање
Сара Јо е во категоријата на помладите балкански имиња кои покажуваат дека регионалната мода на познатите повеќе не мора да значи само гламур, мини-фустан и високи потпетици.

Кај неа има повеќе игра со поп-културата, спортската естетика, ретро елементи и сценскиот идентитет.
Тоа е важна промена: новата генерација не ја дели модата толку строго на „елегантно“ и „секојдневно“.

Каролина Гочева – стилот што не зависи од трендовите
Каролина Гочева е еден од ретките примери на македонската јавна сцена кај кои стилот не се гради околу потребата постојано да се биде забележан. Нејзината сила е во мерката.

Во македонските модни медиуми со години е препознавана како една од најдобро облечените јавни личности, а нејзиниот стил се опишува преку истенчен вкус, женственост и внимателно избрани детали. Тоа не е случајно, Каролина ретко дозволува облеката да ја надвладее личноста.

Нејзиниот моден потпис најчесто се темели на чисти силуети, префинети материјали, добро одбрани бои и минимализам со доволно драматичен момент. Таа може да изгледа исклучително елегантно во свечена тоалета, но и сосема природно во едноставна секојдневна комбинација.

Токму ова ја прави интересна во споредба со регионалните ѕвезди.
Додека Јелена Карлеуша често ја користи модата како спектакл, а Северина како продолжение на својата сензуалност, Каролина ја користи модата како продолжение на карактерот.
И тука е нејзината најголема предност.
Таа не мора секоја сезона да го менува својот визуелен идентитет за да изгледа современо. Нејзиниот стил може да се менува, но основата останува препознатлива, елегантна, женствена, современа и никогаш агресивно трендовска.
Особено е значајно што Каролина низ годините соработувала со македонски дизајнери и стилисти, покажувајќи дека домашната мода може да изгледа современо и релевантно кога ќе се спои со личност која знае како да ја носи.
Затоа Каролина можеби не е жената чија фотографија прва ќе ја забележите во просторијата.
Но може да биде онаа чиј изглед најдолго ќе го паметите.
А токму тоа е една од најтешките дефиниции на вистинскиот стил, да не зависиш од трендот за да изгледаш модерно.
Кој би победил?
Ако критериумот е најголем моден спектакл, Карлеуша е меѓу најсилните.
Ако бараме најдобар баланс меѓу луксуз, женственост и носливост, Северина има сериозен аргумент.
Ако бараме меѓународна модна релевантност и иличен стил кредибилитет, Тамара Калиниќ е тешко да се заобиколи.
Ако бараме еволуција на стилот, Мaja Берoвиќ е многу интересен пример.
Ако бараме континутитет- Каролина Гочева е во предност.
Но ако е нешто посериозно или која од нив има свој моден јазик? е тогаш токму тука листата станува интересна.
Затоа што стилот не се мери со цената на чантата.
Не се мери со бројот на луксузни логоа.
И не се мери со тоа колку луѓе ќе кажат „wow“ под фотографијата.
Стилот се препознава кога ќе ја тргнете етикетата од облеката, ќе ја тргнете славата од личноста и повторно ќе остане нешто препознатливо.
А токму тоа се обидуваат да го направат најдобрите модни уредници и критичари ширум светот, да ја одвојат модната вредност од цената и популарноста.
Затоа, ако треба да избереме балканска „кралица на стилот“, можеби најфер заклучок не е да прогласиме една победничка.
Карлеуша е најхрабра. Северина е најкомплетна. Тамара е најмеѓународна. Мaja е една од најинтересните во стилската трансформација. А останатите покажуваат дека Балканот има многу повеќе модна индивидуалност отколку што често му се припишува.