Каде е Македонија во оваа група?
Кога ќе се каже „модна индустрија“, првата асоцијација обично се Париз, Милано, луксузните брендови и големите модни куќи. Но на Балканот приказната е поинаква. Тука најголемиот дел од парите не доаѓаат од сопствени глобални брендови, туку од производство на облека, текстил, кожа и обувки, често како дел од синџирите на големите европски компании.
И токму затоа, која балканска земја има најголема економска тежина во модно-текстилниот сектор- одговорот зависи од тоа како го дефинираме Балканот.

Ако се вклучи Романија, која дел од географските и политичките класификации ја поврзуваат со Балканот, таа е најсилниот кандидат поради големината на индустријата. Производството на облека во Романија во 2023 година достигнало вредност од околу 2,05 милијарди евра, а земјата останува еден од најголемите производствени центри за облека во Централна и Источна Европа- според Статиста.

Но ако се држиме до потесна дефиниција на Балканот, без Романија, сликата станува многу поинтересна.
СРБИЈА – ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ РЕГИОНАЛНИ ИГРАЧИ
Србија има една од најразвиените текстилно-модни производствени бази во регионот.
Според податоците на Стопанската комора на Србија, извозот на секторот текстил, конфекција, кожа и сродни производи во 2024 година изнесувал 1,553 милијарди евра. Тоа е значителна сума, иако секторот истовремено увезол 1,894 милијарди евра, што значи дека имал трговски дефицит од околу 340,8 милиони евра.

Особено интересен е составот на тој извоз, 48,8% доаѓаат од производство на текстил, 17,7% од производство на облека, а 30,9% од кожа и сродни производи
Тоа покажува нешто важно! Србија не заработува само од шиење облека. Таа има поширок производствен екосистем, текстил, конфекција, кожа и обувки.
Во 2024 година, според tranansparency.cefta.int, само извозот на плетена и хеклана облека од Србија, според CEFTA податоците, бил околу 471,7 милиони евра, додека неплетената облека достигнала околу 190,4 милиони евра за остатокот од светот.
БУГАРИЈА – МАЛА ЗЕМЈА СО НЕОЧЕКУВАНО ГОЛЕМА МОДНА ПРОИЗВОДСТВЕНА БАЗА
Бугарија е уште еден сериозен играч, особено ако се гледа комбинацијата облека и обувки.
Според податоците на Бугарската стопанска комора, извозот на облека и обувки во 2023 година бил 1,612 милијарди евра. За споредба, во 2022 година бил 1,701 милијарди евра.

Тоа е значајно за економија со големина на Бугарија и покажува колку е длабоко интегрирана во европскиот производствен систем.
Бугарската предност е и во тоа што е членка на ЕУ. Производителот од Бугарија практично е внатре во европскиот пазар, без царинските бариери со кои се соочуваат дел од балканските земји надвор од ЕУ.
АЛБАНИЈА – МОДАТА Е МНОГУ ПОВАЖНА ЗА ЕКОНОМИЈАТА ОТКОЛКУ ШТО ИЗГЛЕДА
Албанија е можеби најинтересниот пример за тоа како текстилот и обувките можат да бидат економски столб на една мала земја.
Во 2024 година, според LIoyds Bank Trade текстилот и обувките претставувале 28,7% од вкупниот албански извоз – повеќе од која било друга главна извозна категорија.

А, според податоците на албанскиот институт за статистика, извозот на текстил и обувки во 2024 година бил околу 105,05 милијарди албански леки. Тоа е приближно 1 милијарда евра, зависно од применетиот просечен девизен курс.
Но Албанија во исто време покажува и колку оваа индустрија може да биде ранлива. Во 2024 година извозот на текстил и обувки паднал значително, а секторот се соочил со раст на трошоците, силен курс на лекот и пад на странската побарувачка.
Со други зборови, модата може да биде економски мотор, но и економска слабост ако земјата остане само евтина производствена база.
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА – ИЗВОЗНА ИНДУСТРИЈА СО СИЛНА ЕВРОПСКА ВРСКА
И Босна и Херцеговина има значаен текстилно-кожарско-обувен сектор, но неговиот модел е сличен на оној на Србија, Албанија и Македонија, голем дел од производството е ориентиран кон европските компании и странските нарачатели.

Во 2024 година најголемите пазари за босанскиот сектор на текстил, облека, кожа и обувки биле Хрватска со 20,5%, Италија со 20,3%, Германија со 16,6%, Австрија со 7,8% и Словенија со 6,5%, според FIPA.
Овој распоред кажува многу: Балканот не заработува само продавајќи „балканска мода“ на Балканот. Главниот купувач е Европа.
А КАДЕ Е МАКЕДОНИЈА?
Е Тука станува особено интересно.
Македонија има релативно голема конфекциска индустрија во однос на големината на сопствената економија, но не е меѓу најголемите балкански заработувачи во апсолутна вредност.
CEFTA податоците за 2024 покажуваат дека само извозот на Македонија во категоријата плетена и хеклана облека кон остатокот од светот бил околу 87,5 милиони евра, додека неплетената облека достигнала околу 280,9 милиони евра. Другите текстилни производи од категоријата 63 донеле уште околу 28,9 милиони евра.

Тоа дава најмалку 397 милиони евра само во овие три категории кон „остатокот од светот“, пред да се додадат регионалните пазари.
Но тука е суштинскиот проблем на македонската мода, голем дел од економската вредност не се создава под македонски бренд.
Македонија има фабрики, работници, знаење и долгогодишна традиција во конфекцијата, но многу често произведува за туѓ бренд, туѓ пазар и туѓа комерцијална стратегија.
И тоа е огромната разлика меѓу текстилна индустрија и модна индустрија.
НАЈГОЛЕМАТА РАЗЛИКА: ДА ШИЕШ ЗА НЕКОГО ИЛИ ДА СОЗДАВАШ БРЕНД
Ова е можеби најважниот заклучок од целата анализа.
Една земја може да има огромен извоз на облека, а сепак да нема ниту една глобално препознатлива модна куќа.
Зошто?
Затоа што постојат различни нивоа на создавање вредност:
1. CMT производство – фабриката само сече и шие според туѓа спецификација.
2. Full-package производство – производителот презема поголем дел од процесот.
3. Private label/OEM – се произведува производ што на крајот го носи името на друг бренд.
4. Сопствен бренд – земјата заработува од дизајн, маркетинг, дистрибуција и продажба.
5. Луксузен бренд – најголемата додадена вредност се создава преку дизајнерски потпис, интелектуална сопственост, имиџ, историја и глобална желба.
И токму тука се гледа зошто Балканот сè уште има проблем, има многу производство, но многу помалку сопствена модна моќ.

ЗОШТО РОМАНИЈА, СРБИЈА И БУГАРИЈА СЕ ПОГОЛЕМИ?
Одговорот е комбинација од големина на економијата, работна сила, традиција, географска близина до ЕУ, инвестиции, инфраструктура и интеграција во европските синџири на снабдување.
Романија има голема индустриска база и огромен домашен пазар.
Бугарија ја користи предноста на членството во ЕУ и близината до големите европски купувачи.
Србија, иако не е членка на ЕУ, има силна индустриска база, релативно развиено производство и долгогодишни врски со европски компании. Во 2024 година текстилниот сектор во Србија создал 515 милиони евра бруто додадена вредност, односно околу 0,6% од БДП.
А ТУРЦИЈА?
Како пример што покажува што може да се случи кога текстилната индустрија се развива во целосен моден екосистем, Турција е невозможно да се игнорира.
Во 2024 година Турција имала околу 9,4 милијарди долари извоз на текстил и околу 19 милијарди долари извоз на готова облека, според турското Министерство за трговија.

Други податоци од турската индустрија го ставаат комбинираниот текстилно-конфекциски извоз на околу 32,1 милијарди долари во 2024 година.
Тоа е пример за земја која не останала само фабрика за Европа, туку постепено изградила сопствени производители, брендови, дизајнери, малопродажни синџири и глобална дистрибуција.
И ТУКА Е ВИСТИНСКИОТ ОДГОВОР
Ако прашањето е „која балканска земја најмногу заработува од модата?“, нема совршено рангирање затоа што официјалната статистика не познава една категорија „fashion economy“ или модна економија.
Но ако се гледа индустрискиот обем, Романија е меѓу најсилните кандидати кога се вклучува во пошироката балканска дефиниција. Без неа, Србија и Бугарија се меѓу најголемите производствено-извозни центри, додека Албанија има извонредно висока зависност од текстилот и обувките во однос на целокупниот извоз. Македонија е значаен производствен центар во однос на својата големина, но не создава доволно висока додадена вредност преку сопствени брендови.
И токму тука лежи најголемата лекција за Македонија!
Не е доволно Македонија да произведува повеќе облека. Треба поголем дел од вредноста на таа облека да останува во Македонија.
Тоа значи повеќе сопствени брендови, сопствен дизајн, сопствен маркетинг, сопствена дистрибуција, дигитална продажба, интелектуална сопственост и извоз под македонско име.
Зашто земјата што само ја шие туѓата мода заработува од работната сила.
Земјата што ја создава модата заработува од идејата.
И тоа е разликата меѓу текстилна сила и вистинска модна индустрија.