Продаденото парче не значи дека парите се веќе заработени
Успехот во модата не е само прашање на повеќе продадени фустани. Понекогаш токму првото големо зголемување на побарувачката го става брендот пред најтешкиот тест или дали може да расте без да го изгуби квалитетот, ликот, клиентот и финансиската стабилност?

Во модата постои едена опасна контрадикторност, брендот може да има повеќе клиенти, повеќе нарачки и поголема медиумска видливост — а истовремено да стане финансиски поранлив.
Причината е едноставна. Кога продажбата расте, речиси сите трошоци почнуваат да растат пред приходот реално да се претвори во расположлив капитал. Потребни се поголеми залихи на материјали, повеќе производство, повеќе работници, поголем простор, поскапа логистика, повеќе маркетинг, нови фотографии, кампањи, амбалажа, продавници, технологија и администрација.
А ако брендот сака да изгледа поголем, трошоците можат да пораснат уште побрзо од продажбата.
Токму затоа во модниот бизнис растот не е исто што и профит.
Продаденото парче не значи дека парите се веќе заработени
Замислете бренд кој во една сезона продавал 500 парчиња, а следната сезона очекува да продаде 2.000.
На прв поглед, тоа е фантастичен успех.
Но за да произведе 2.000 парчиња, брендот можеби мора да купи четирипати повеќе материјали, да плати производство однапред, да ангажира дополнителни луѓе и да инвестира во кампања уште пред првиот нов производ да биде продаден.

Ако дел од продажбата оди преку трговци или дистрибутери, парите можат да стигнат уште подоцна.
Така се создава една од најопасните ситуации во модниот бизнис.
Брендот изгледа успешно однадвор, но парите му се заробени во залихи, производство и побарувања.
Business of Fashion и McKinsey токму управувањето со залихите го издвојуваат како едно од клучните прашања за модните компании. Во нивната анализа за 2025 година се нагласува дека и вишокот и недостигот на залихи создаваат проблеми, додека притисокот врз маржите бара многу попрецизно планирање на целиот синџир на снабдување.
А ова е особено важно за бренд што брзо расте.

Најскапата грешка е да се помеша популарноста со побарувачката
Еден фустан може да стане хит на Инстаграм.
Но тоа не значи дека треба веднаш да се произведат 5.000 парчиња.
Модата е индустрија во која вкусот може да се промени за неколку недели. Она што денес е распродадено, утре може да стане непродадена залиха.
BoF веќе предупредуваше дека погрешното проценување на побарувачката може да доведе до акумулација на огромни залихи и последователно намалување на цените. Во една анализа, врз основа на податоци од BlueFin Research, големите јавно тргувани модни трговци во одреден период имале просечно 27 проценти повеќе залихи од претходната година.

Проблемот не е само што непродадениот фустан зафаќа простор.
Тој врзува капитал.
Ако потоа мора да се продава со 30, 40 или 50 проценти попуст, брендот не ја губи само заработката од тој производ. Го нарушува и сопствениот ценовен систем.
Попустот може да биде спас ама и опасност
Кога брендот има премногу залиха, најлесното решение е распродажба.
Но луксузниот бренд мора да биде особено внимателен.
Ако клиентот научи дека фустанот што денес чини 500 евра за два месеца ќе биде 250, тој почнува да ја менува својата перцепција за вистинската вредност на производот.
Тоа е причината поради која успешните брендови внимателно го контролираат попустот, дистрибуцијата и количините.

И актуелните анализи на луксузниот сектор покажуваат колку е чувствително ова прашање. McKinsey и BoF во својот извештај за 2025 година забележуваат дека периодот 2019–2023 донел исклучително силен раст на луксузот, но дека потоа секторот се соочил со забавување, притисок врз потрошувачката и прашањето дали повисоките цени се оправдани со соодветна вредност.
Токму тука се крие една од најголемите опасности за брендот што почнува да успева!
Да стане премногу голем за својата стара структура, но сè уште премногу мал за структурата што се обидува да ја изгради.

Поголем бренд значи и поголема организација
Кога брендот расте, основачот повеќе не може лично да контролира сè.
На почетокот дизајнерот може да ја избере ткаенината, да го провери кројот, да разговара со клиентот, да ја контролира фотографијата и да одлучи која боја ќе влезе во колекцијата.
Со растот доаѓаат менаџери, производство, набавка, маркетинг, продажба, финансии, логистика, PR, социјални мрежи.
И тука може да се случи нешто многу опасно!
Брендот да продолжи да расте, но неговиот оригинален идентитет да почне да се разредува.
Секој нов производител, секој нов канал на продажба, секој нов партнер и секоја нова колекција носат можност за отстапување од првичната идеја.
Затоа растот бара не само повеќе пари, туку систем.

И маркетингот станува стапица
Успешниот бренд мора да биде повидлив.
Но колку повеќе расте, толку повеќе мора да инвестира за да остане видлив.
Кампањи, модели, фотографи, видео, инфлуенсери, едиторијали, настани, продавници, дигитално рекламирање, сето тоа чини.
А најопасно е кога маркетингот почнува да се мери само преку бројот на лајкови.
Видливоста не е исто што и продажба.
Добрата модна кампања треба да гради желба, препознатливост и долгорочна вредност на брендот, а не само моментален сообраќај.
И токму затоа денешните анализи на индустријата зборуваат за потребата од поинаков модел на раст. McKinsey и BoF за 2026 година предупредуваат дека старите правила повеќе не се доволни: брендовите се соочуваат со повнимателни потрошувачи, поголем притисок врз вредноста, промени во трговијата и брз технолошки развој. Истовремено, задржувањето на постојните клиенти станува една од клучните битки.

Најдобриот клиент не е секогаш новиот клиент
Ова е уште една голема лекција.
Кога брендот станува популарен, природно е да сака што повеќе нови купувачи.
Но здравиот бренд мора да се праша:
Колку од оние што купија минатата година ќе се вратат оваа година?
Затоа loyalty, повторната куповна навика, квалитетот на производот и односот со клиентот стануваат економски, а не само маркетиншки прашања.
Во анализата State of Fashion 2026, McKinsey и BoF го издвојуваат задржувањето на клиентите како една од главните теми за модниот сектор.
Тоа е логично, на брендот не му треба само публика. Му требаат луѓе кои му веруваат.
Вистинскиот тест започнува кога првиот успех ќе помине
Најголемата грешка што може да ја направи успешен моден бренд е да претпостави дека она што го донело првиот успех автоматски ќе го донесе и вториот.
Нема.
Колекцијата што била хит може да биде случајност, момент, културен тренд или совршено погодена потреба на клиентот.
Следниот чекор бара анализа. Колку чини секое парче? Колкава е реалната маржа? Колку капитал е врзан во залихи? Кои производи се продаваат без попуст? Кои само изгледаат успешно на социјалните мрежи? Кој клиент се враќа? Кој производ го гради имиџот?
И најважното!
Дали брендот расте затоа што станува подобар, или затоа што само станува поголем?

Луксузот на крајот, е дисциплина
Во мода постои силно искушение да се произведува повеќе кога побарувачката расте.
Но можеби најголемиот знак на зрелост е токму спротивното: да знаеш кога да не произведеш повеќе. Да ја зачуваш реткоста. Да не го уништиш најуспешниот модел со прекумерна количина. Да не го претвориш секој производ во попуст. Да не го прошириш брендот во сто категории само затоа што клиентите почнале да го препознаваат.
И да не дозволиш растот да ја уништи причината поради која луѓето првпат се заљубиле во брендот.
Затоа најопасниот момент за модниот бренд навистина може да биде моментот кога почнува да успева.
Не затоа што успехот е проблем. Туку затоа што тогаш за првпат се појавува најтешкото прашање:
„Можеме ли да станеме поголеми, а да останеме истиот бренд поради кој клиентите дојдоа?“
Одговорот на тоа прашање ја дели модната марка од вистинскиот бренд.
Небојша Толески