
Косата е едно од огледалата на здравјето, но и начин жената да покаже колку се грижи за себе. Прифаќајќи ги природните промени, и Кралицата Летиција стареењето го доживува како дел од нормалноста, а не како табу тема.
Некогаш, појавата на првите седи влакна беше знак за тревога. Жените на сите можни начини се обидуваа да ги сокријат, но денес, благодарение на одредени познати дами, оваа природна појава се прифаќа како нормален дел од животот и стареењето.

Таканаречените сребрени прамени станаа моден детаљ, личен печат и порака на самодоверба. Една од жените што тоа најдобро го демонстрира е шпанската кралица Летиција.
Таа веќе со години важи за една од најстилизирани дами на европските дворови. Нејзиниот моден стил е едноставен, но истовремено исклучително впечатлив, зрачи со елеганција и префинетост, а носи облеки какви што секоја жена може да ги има во својот гардеробер.

Поборник на природниот изглед
На еден од неодамнешните ангажмани во палатата Сарсуела во Мадрид, вниманието го привлече нејзината коса, иако ниту стајлингот не помина незабележано кај љубителите на модата.
Долг боб, совршено стилизиран и разделен со страничен патец, откри јасно видливи седи прамени. Без обид да ги сокрие. Без агресивно тонирање. Таа им дозволи на сребрените нијанси да заблескаат, испраќајќи силна и јасна порака.
Кралицата Летиција уште еднаш покажа дека стилот нема врска со годините, туку со ставот.
Пред само дваесетина години, седата коса беше нешто што по секоја цена се прикриваше. Жените редовно ја бојадисуваа косата, плашејќи се дека природната боја ќе ги направи „постари отколку што се“. Општеството наметнуваше идеал на вечна младост.
Денес ситуацијата е поинаква. Седите влакна повеќе не се доживуваат како мана, туку како избор, знак на искуство и самодоверба. Летиција уште пред неколку години почна да ги негува природните сребрени тонови, отворајќи простор за нова естетика на дворот, естетика што не бега од реалноста.
Н.Т