„Лицето кое започна војна со илјада бродови“: Лупита Њонго како модерна Елена од Троја го освои црвениот тепих со златен кутур фустан

Повеќе од три илјади години приказната за Елена од Троја останува една од најголемите митолошки приказни за убавината, моќта и последиците што може да ги предизвика една жена. Во Хомеровата „Илијада“, таа е опишана како жената „чие лице започна војна за илјада бродови“, симбол на убавина која ја менува историјата.

Сега, една од најпознатите актерки на својата генерација, Лупита Њонго, ја оживува оваа легендарна фигура во долгоочекуваниот филм „The Odyssey“, новото епско дело на режисерот Кристофер Нолан.

Но, уште пред публиката да го види филмот, Лупита покажа дека улогата на античка божица може да се пренесе и преку модата, со изглед кој светските медиуми го опишаа како кралски, скулптуралeн и инспириран од митологијата.

Филмски спектакл што ја оживува најголемата епска приказна

„The Odyssey“ е една од најамбициозните филмски адаптации на легендарното дело на Хомер – приказната за Одисеј, кралот на Итака, и неговото долго и опасно патување дома по Тројанската војна.

Филмот го режира Кристофер Нолан, познат по визуелно комплексни и амбициозни проекти како „Oppenheimer“, „Interstellar“ и „Inception“. Во главните улоги се појавуваат големи холивудски имиња, меѓу кои Мет Дејмон, Том Холанд, Зендаја, Ен Хатавеј, Шарлиз Терон и Лупита Њонго.

Лупита во филмот ја толкува Елена од Троја, но и нејзината сестра Клитемнестра, двојна актерска задача која бара не само физичка трансформација, туку и длабока психолошка интерпретација.

„Елена“ не е само симбол на убавината. Таа е жена околу која се создаваат митови, војни и легенди. Токму затоа изборот на актерка која треба да ја носи таа тежина предизвика огромно внимание уште пред премиерата.

Лупита Њонго – Елена од Троја на црвениот тепих

На њујоршката премиера на „The Odyssey“, Лупита не пристигна само како актерка, туку како визуелна интерпретација на античката божица.

Таа се појави во раскошна златна couture креација од Nicholas Oakwell Couture, фустан кој веднаш ја привлече целата модна јавност.

Фустанот беше вистинска студија за структура, луксуз и женственост.

Изработен во металик златна нијанса, моделот имаше богата чипкаста површина која создаваше ефект на течен метал врз телото. Скулптуралниот корсетски горен дел ја следеше линијата на силуетата, додека долгата форма паѓаше елегантно кон подот, создавајќи впечаток на модерна античка статуа.

Златото не беше избрано случајно.

Во визуелниот јазик на античка Грција, златото отсекогаш било боја на боговите, моќта и вечноста. На Лупита, оваа нијанса создаде впечаток како да излегла директно од митолошки храм.

Накитот кој ја заокружи божествената трансформација

Посебно внимание привлече и накитот.

Актерката носеше впечатлив повеќеслоен бисерен и дијамантски ѓердан од Sabyasachi, со полки дијаманти и препознатлив мотив на тигар. Накитот содржеше повеќе од 11 карати дијаманти и беше дизајниран да изгледа како антички артефакт со современа моќ.

Комбинацијата на златниот couture фустан,  бисерите, дијамантите, минималната, но драматична естетика, создаде изглед кој многумина го нарекоа „божица од црвениот тепих“.

Модата како продолжение на филмската приказна

Во последните години холивудските премиери сè повеќе стануваат продолжение на филмскиот наратив. Актерите преку облеката не само што промовираат филм, тие ја продолжуваат неговата приказна.

Лупита Њонго совршено го искористи тој момент.

Нејзиниот изглед не беше само гламурозна вечерна комбинација. Тој беше визуелен дијалог со ликот што го толкува.

Елена од Троја е мит за жената која била идеализирана со векови. Но современите интерпретации се обидуваат да ја прикажат не само како симбол на убавината, туку како сложена личност со сопствена приказна и моќ.

Актерка која ја претвори модата во уметност

Од нејзината наградувана улога во „12 Years a Slave“, за која освои Оскар, до незаборавните модни моменти на црвениот тепих, Лупита стана позната по смелиот избор на креации и по способноста секој изглед да претвори во визуелен спектакл.

Со улогата на Елена од Троја таа влегува во една од најпознатите женски фигури во историјата на митологијата.

А со златниот couture фустан на премиерата покажа нешто што модата одамна знае:

Понекогаш фустанот не е само облека. Понекогаш тој е приказна, мит и момент кој останува запаметен.

Н.Т