Никој не остана рамнодушен на стравичниот пад на олимпијката Лидзи Вон. Студениот ден на патеката во Италија се претвори во тежок момент за шампионката во скијање. Трката веднаш беше во втор план, а вниманието се насочи кон Линдзи и сериозноста на повредата.
Но, која е всушност жената што му пркоси на времето и предизвиците?
Линдзи Вон е една од најголемите скијачки во историјата на алпското скијање, жена симбол на сила, упорност и враќање по падови. Родена е на 18 октомври 1984 година во Минесота, САД, и уште како дете покажала исклучителен талент за скијање.
Во својата кариера, Вон има освоено 82 победи во Светскиот куп, што долго време беше рекорд кај жените во алпско скијање. Таа е олимписка шампионка во спуст (Ванкувер 2010) и има освоено повеќе медали од светски првенства, вклучувајќи и златни. Позната е по агресивниот стил, брзината и менталната цврстина, особено во најопасната дисциплина, спустот.
Линдзи поминала низ серија тешки повреди на колената и коските, операции и долги паузи, за да се врати уште посилна на снегот. Токму таа борбеност ја направи инспирација далеку надвор од спортот.
Надвор од скијањето, Вон изгради силен јавен имиџ. Таа е автор, мотивациски говорник и активна во хуманитарни проекти преку својата фондација која им помага на млади девојки да се занимаваат со спорт и образование.
Кога станува збор за стилот, Линдзи важи за една од најелегантните и најнегувани спортистки надвор од скијачките патеки. Нејзиниот моден израз најчесто е комбинација од спортска самоувереност и софистицирана женственост.
Таа често избира едноставни, но впечатливи кроеви, елегантни фустани што ја истакнуваат атлетската фигура, класични костуми, како и минималистички комбинации во неутрални бои.
Нејзиниот стил никогаш не е претеран, повеќе е насочен кон силна, модерна жена отколку кон трендовска екстраваганција.
Иако приватниот живот на Линдзи често беше под лупа на медиумите, таа секогаш остана фокусирана на својата мисија, да биде пример за сила, дисциплина и храброст.
