Мартин Роуз е новата креативна директорка на Balenciaga

Една од највлијателните модни куќи во светот влегува во нова ера.

 Balenciaga ја избра британската дизајнерка Мартин Роуз за своја нова креативна директорка, со што за првпат во 109-годишната историја на брендот жена ќе ја преземе оваа позиција. 


Мартин Роуз е дизајнерка која изгради препознатлив моден идентитет надвор од традиционалните правила на високата мода. Својот истоимен бренд го основа во Лондон во 2007 година, а нејзината работа е силно инспирирана од музиката, уличната култура, спортската облека и различните младински субкултури. Во нејзините колекции често се среќаваат предимензионирани кроеви, необични пропорции, спојување на формалната и секојдневната облека и неочекувани комбинации на материјали.


Токму способноста да ги поместува границите на традиционалната машка облека ја направи едно од најинтересните имиња во современиот дизајн. Нејзината работа не се обидува да ја следи модата по секоја цена, туку да ја преиспитува и да ѝ даде поинаква насока.

Иако ова е нејзино прво преземање на водечка креативна позиција во голема луксузна модна куќа, Роуз веќе има искуство со Balenciaga. Во периодот од 2015 до 2018 година работеше како консултантка за машката модна линија, во времето кога креативен директор беше Демна. Тоа значи дека добро ја познава естетиката на брендот и неговата способност да ги спојува високата мода, уличната култура и провокативниот дизајн.


Роуз доаѓа на местото на италијанскиот дизајнер Пјерпаоло Пиколи кој презеде функцијата во 2025 година, по заминувањето на Демна.