Со вајано тело и ангелско лице, таа беше едно од најпрепознатливите имиња на модните списанија. Вчера, на 2 јули 2026 година, Кели Емберг го прослави својот 67. роденден. Нејзината кариера, која се протега низ неколку децении и различни професионални области, е приказна за жена која постојано знаела да се преоткрие – од врвен светски модел, преку дизајнерка на ентериери, до успешна претприемачка и страствен љубител на хортикултурата.
Родена на 2 јули 1959 година во Хјустон, Тексас, Кели уште од најрана возраст покажувала динамичен дух. Се занимавала со гимнастика, а во средното училиште „Стратфорд“ била и навивачка. Нејзиниот живот добил пресврт кога локалниот фотограф Алан Мартин го препознал нејзиниот потенцијал, по што била забележана од легендарниот Џон Казабланкас, основач на агенцијата Elite Model Management, што ѝ ја отворило вратата кон светската модна сцена.
Од крајот на 1970-тите па сè до 1990-тите, нејзината кариера доживеала вртоглав подем. Кели станала едно од најбараните лица во модната индустрија, појавувајќи се на насловните страници на престижните списанија Vogue (нејзината прва насловна била за британското издание), Harper’s Bazaar, Glamour, Cosmopolitan, Mademoiselle и Self.
Особено место во нејзината кариера има и легендарното издание Sports Illustrated Swimsuit Issue, каде што се појавила дури пет пати, во периодот од 1981 до 1989 година. Истовремено, била заштитно лице на некои од најголемите светски козметички и модни брендови, меѓу кои CoverGirl, Maybelline, L’Oréal и Calvin Klein.
Нејзиниот приватен живот исто така често бил во центарот на вниманието. Во 1983 година започнала љубовна врска со музичката легенда Род Стјуарт, со кого во 1987 година ја добиле ќерката Руби. Нивната врска завршила во 1990 година, а подоцна следувала и правна битка која била разрешена во 1993 година. Подоцна Кели стапила во брак со филмскиот продуцент Бред Џенкел, а потоа и со Мајкл Дарио Падиља.
По повлекувањето од модните писти, таа успешно започнала ново професионално поглавје. Ја основала компанијата Kelly Emberg Designs, посветена на дизајнот на ентериери.

По преселбата во Сан Диего, станала позната и како „Моделот-градинар“, промовирајќи органско градинарство преку блог, подкаст и текстови во специјализирани списанија. За време на пандемијата лансирала и сопствена линија женска спортска облека.
И на 67 години, Кели Емберг останува пример дека вистинската убавина не завршува со модната кариера.
Таа успеала славата да ја претвори во креативен, одржлив и исполнет живот, комбинирајќи ги дизајнот, природата, претприемништвото и здравиот начин на живеење во инспиративна животна приказна.
Н.Т