Мистика, запалени ткаенини и женски отпор: Евровизија 2026 доби свој најмоќен визуелен настап

 

 

Вечерва во Виена, Австрија се одржува првата полуфинална вечер на 70-тото изданија на Песна за Евровизија 2026, додека второто полуфинале е закажано за 14 мај, а големото финале на 16 мај. Но уште пред првите гласови, сцената веќе ја отвори најважната евровизиска дебата, дали Евровизија е музички натпревар или телевизиски спектакл каде модата, костимот и визуелната провокација одамна се подеднакво важни како и песната?

Одговорот, реално, никогаш не бил тајна.

Евровизија со децении функционира како хибрид помеѓу концерт, театар, поп-културна пародија, модна претстава и телевизиски перформанс. Тоа е сцена каде претерувањето не само што е дозволено, туку речиси и очекувано. Токму затоа, секоја година гледаме драматични костими, хиперболизирани сценски концепти, визуелни симболи, футуризам, кич и модни експерименти што ретко би функционирале надвор од евро-визискиот универзум.

Но проблемот е што многу настапи и понатаму ја третираат облеката само како „впечатлив костим“, наместо како дел од наративот на песната.

И токму таму годинава се издвојува хрватската група Лелек со песната Андромеда.

 Додека кај многу претставници визуелниот идентитет делува одвоено од сцената, светлото и музиката, кај Лелек модата станува дел од самата драматургија на настапот.

Зад костимите стои младиот дизајнер Николас Диаманте, кој создаде визуелен концепт што не се потпира само на естетика, туку на симболика.

Костимите доминираат во црвени и бели тонови, белата како асоцијација на растопен восок од свеќа и традиционална чистота, а црвената како симбол на женски отпор, животна сила и наследство што се пренесува низ генерации.

Но најинтересниот дел е материјалот.

Диаманте користел делумно запалени текстили, создавајќи ефект на траги од преживување и историја што била насилна, но не успеала да го уништи идентитетот. Во костимите се вплетени и плетенки со позлатени дукати, детали што функционираат како визуелен мост помеѓу фолклорот и футуристичката сцена на Евровизија.

Токму затоа изгледот на Лелек по се изгледа функционира.

Не затоа што е „убав“ во класична смисла, туку затоа што е целосно поврзан со песната, сцената и атмосферата. Маглата, огнот, LED визуелите, темните пештери и мистичните шуми што се појавуваат во настапот не се случаен визуелен хаос, туку продолжение на истата приказна.

Во време кога многу евровизиски настапи изгледаат како колекција од случајни трендови и TikTok естетика, Лелек создава ретко комплетен сценски идентитет.

И токму тоа е суштината на Евровизија.

Не реалност. Не минимализам. Не секојдневна мода.

Туку телевизиски театар во кој музиката, костимот, сценографијата, светлото и движењето функционираат како една целина.

Евровизија никогаш не била место каде се раѓаат носливи трендови. Но отсекогаш била место каде модата станува спектакл. А годинава, барем визуелно, Лелек ја разбира таа задача подобро од повеќето.

Н.Т