
Треба да биде јасно дека модата никогаш не била само прашање на вкус. Таа отсекогаш била јазик. Но, сè почесто станува и нешто многу подлабоко, таканаречен оклоп. Ама не оклоп што штити од физичка опасност, туку од погледи, осуди, несигурност, анксиозност и потребата постојано да се докажуваме.
Во психологијата одамна постои став дека човекот не ја избира облеката случајно. Секоја комбинација претставува порака за тоа како сакаме да нè доживее светот. Денес, кога живееме во култура во која првиот впечаток се создава за неколку секунди, облеката станува една од најсилните форми на самозаштита.
Социјалниот психолог Адам Галински, автор на концептот „облечена когниција“), преку своите истражувања покажа дека облеката не влијае само врз тоа како другите нè гледаат, туку и врз начинот на кој самите размислуваме и се однесуваме. Луѓето кои носат облека што ја поврзуваат со авторитет, успех или професионалност покажуваат поголема самодоверба, подобра концентрација и поголема сигурност при донесување одлуки.
Со други зборови, понекогаш не ја носиме јакната затоа што ни се допаѓа. Ја носиме затоа што со неа се чувствуваме посилни.

Францускиот социолог Пјер Бурдје одамна предупреди дека вкусот никогаш не е само личен избор. Тој е форма на социјален капитал. Начинот на кој се облекуваме испраќа пораки за образование, статус, финансиска состојба, професија, културни навики, па дури и за амбициите што ги имаме. Токму затоа облеката станува своевиден штит, средство со кое човекот се обидува да ја контролира перцепцијата што другите ја создаваат за него.
Овој феномен денес е особено видлив кај младите професионалци, јавните личности, менаџерите, адвокатите, лекарите, политичарите и претприемачите. Кај нив облеката одамна не е само естетика. Таа е дел од професионалниот авторитет.
Но, социјалниот оклоп не секогаш изгледа како луксуз.
Некој ќе облече совршено скроен костум за да ја сокрие сопствената несигурност. Друг ќе избере црна облека затоа што психолошки му создава чувство на контрола. Трет ќе носи брендирани парчиња бидејќи преку нив чувствува поголема социјална прифатеност.
Психолозите ова го нарекуваат компензаторна самопрезентација или процес во кој надворешниот изглед служи за надоместување на внатрешните сомнежи.
Интересно е што овој феномен не е резервиран само за големите модни метрополи.
Тој е исклучително присутен и во Македонија.
Македонското општество е релативно мало, а тоа значи дека луѓето многу почесто се познаваат меѓусебно, полесно се споредуваат и многу повеќе обрнуваат внимание на туѓиот изглед. Во таква средина, облеката станува начин однапред да се контролира впечатокот што ќе го оставиме.
Токму затоа кај нас често се забележува нешто друго.
Луѓето се облекуваат многу поелегантно за кафе отколку за театар. За свадби инвестираат огромни суми, затоа што знаат дека таму ќе бидат фотографирани и проценувани. Работните интервјуа се доживуваат како модна подготовка исто колку и професионална. Социјалните мрежи дополнително ја засилуваат оваа динамика, бидејќи секоја фотографија станува ново јавно претставување.
Британскиот моден психолог Карен Пајн, автор на книгата Mind What You Wear, објаснува дека луѓето често ја користат модата како механизам за регулирање на расположението. Кога се чувствуваат ранливи, несигурни или емотивно исцрпени, многумина инстинктивно избираат облека во која се чувствуваат посамоуверено. Таа не ја решава несигурноста, но ја прави полесна за носење.
Истото го потврдува и американската психологинка Џенифер Баумгартнер, која смета дека плакарот претставува психолошка мапа на човекот. Начинот на кој се облекуваме често открива повеќе за нашите стравови отколку за нашиот вкус.
Во Македонија ова особено се забележува кај генерациите кои постојано се движат помеѓу традиционалните вредности и модерната дигитална култура. Од една страна, општеството сè уште очекува умереност и вклопување. Од друга страна, социјалните мрежи промовираат постојана визуелна спектакуларност. Резултатот е човек кој истовремено сака да се истакне, но и да не биде премногу забележан.
Токму затоа многумина развиваат сопствен „социјален оклоп“, внимателно избран стил кој испраќа порака за успех, стабилност и сигурност, дури и кога реалноста е поинаква.
Историјата покажува дека ова не е нов феномен. Моќните владетели носеле круни, војсководците униформи, судиите тоги, а кралските дворови користеле раскошна облека како симбол на авторитет. Денес симболите се поинакви, но функцијата останува иста. Добро скроено сако, квалитетен часовник, минималистички накит или совршено изработен капут често имаат иста психолошка улога што некогаш ја имале оклопите и инсигниите на моќта.
На крајот, најинтересното нешто во целава приказна е што модата никогаш не ја покажува целата вистина. Човекот кој изгледа најсамоуверено понекогаш е оној што најсилно се бори со сопствените сомнежи. А личноста што носи наједноставна облека не мора да биде помалку сигурна, можеби едноставно веќе нема потреба ништо да докажува.
Затоа модата не треба да се чита само низ трендови, брендови и естетика. Таа е психологија облечена во ткаенина. И можеби токму затоа, во современиот свет, најмоќното парче облека не е она што најмногу привлекува внимание, туку она што му дава на човекот чувство дека може посигурно да чекори низ светот.
Небојша Толески