МОДАТА СЕ СУДРИ СО МОРАЛОТ: Зошто Мет се откажа од Џон Галијано?

Целосна осуда, се крена и модната индустрија на нозе но и еминентни организации

John Galliano: Horizons требаше да биде една од најголемите почести во кариерата на британскиот дизајнер. Изложба во Metropolitan Museum of Art, отворена во мај 2027 година, проследена со Met Gala чија тема требаше да биде неговото творештво.

Но, само еден месец по најавата, проектот е откажан. Причината не е неговата мода, туку прашањето дали една институција како Мет може да го слави творештвото на човек кој во минатото јавно изговарал антисемитски и расистички навреди.


На 31 август 2026 година, Мет и самиот Галијано соопштија дека изложбата нема да се одржи.

И тука започнува вистинската приказна.

Кој ја избра темата?

На 31 јули Мет официјално ја најави изложбата „John Galliano: Horizons“, која требаше да трае од 9 мај 2027 до 9 јануари 2028 година.

Проектот го организираше Andrew Bolton, куратор задолжен за Costume Institute. Планот бил да се прикаже целата кариера на Галијано, од неговата дипломска колекција Les Incroyables од 1984 година, преку Givenchy и Dior, па сè до неговата работа во Maison Margiela. Требало да бидат изложени облека, скици, тоали, истражувачки книги, додатоци и архивски материјали.

Но, важно е едно нешто: Мет не ја претставил изложбата како обично „глорифицирање“ на Галијано.


Концептот бил намерно поделен на три дела. Првиот, „Bearings“, требало директно да се соочи со неговиот антисемитски, расистички и антиазиски инцидент од 2010 и 2011 година, отпуштањето од Dior и судската пресуда во Париз. Вториот и третиот дел требало да ја анализираат неговата инспирација, процесот на создавање и неговото огромно влијание врз модата.

Односно, идејата на Мет била да не го избрише скандалот, туку да го стави во рамките на неговото целокупно наследство.

Токму тука настана проблемот.

Зошто токму Галијано?

Затоа што, независно од скандалот, неговото влијание врз модата е огромно.

Галијано се смета за еден од најиновативните дизајнери на последните четири децении. Работел за Givenchy и Dior, а подоцна, по падот и долгата пауза, се вратил во високата мода преку Maison Margiela.

Мет дури истакна дека ваква ретроспектива на жив дизајнер била исклучително ретка: пред него, Costume Institute имал вакви монографски изложби за Yves Saint Laurent во 1983 година и Rei Kawakubo во 2017 година.

Затоа за модниот свет најавата била огромен настан.

Но, за дел од јавноста прашањето било поинакво: Дали уметничкиот гениј може да биде одвоен од човекот кој го изговорил тоа што го изговорил?

Што точно се случи со Галијано?

Во 2010 и 2011 година Галијано бил снимен во Париз како упатува расистички и антисемитски навреди кон луѓе во кафе.

На снимката тој, меѓу другото, изговара:

„I love Hitler.“ или го Сакам Хитлер

Инцидентот доведе до негово отпуштање од Dior и до судска постапка во Франција, каде што бил прогласен за виновен за јавни навреди врз основа на раса, религија, етничка припадност или потекло.


Неговата кариера практично се распадна преку ноќ.

Подоцна Галијано се лекувал од зависност од алкохол и дрога и започнал долг процес на рехабилитација и јавно извинување.

Тука се појавува и Ана Винтур

Ана Винтур не го напушти

Винтур беше една од луѓето кои најсилно застанаа зад неговото враќање во модата.

Во 2013 година помогна да се реализира неговиот привремен ангажман кај Oscar de la Renta. Подоцна продолжи да го поддржува неговото враќање, а Галијано во 2014 година стана креативен директор на Maison Margiela.

И нејзината позиција околу Мет била јасна уште од самиот почеток.

При најавата на изложбата во јули, Винтур изјавила дека „нема никој позаслужен“ за изложба од таков размер и дека неговата кариера не треба да биде дефинирана само од еден момент.

Таа истовремено нагласила дека изложбата нема да ја избегнува „темнината“ од неговото минато, туку ќе се соочи со неа.

Тоа е важен детал, Винтур не сметала дека скандалот треба да биде избришан за да се овозможи изложбата. Напротив, сметала дека треба да биде дел од нејзината приказна.

Но, првиот сериозен отпор не дојде од модата

По најавата, почнаа да се јавуваат политичари, еврејски организации, лидери на заедницата и донатори на Мет.

Особено проблематичен бил датумот.

Met Gala во 2027 година требаше да биде поврзана со Yom HaShoah, Денот на сеќавање на Холокаустот. Тоа предизвика дополнителна реакција затоа што изложбата требаше да го слави токму дизајнерот кој во минатото изговорил пофалба за Хитлер.

Првата избрана јавна функционерка што остро се спротивстави беше Julie Menin, претседателка на Градскиот совет на Њујорк.

Таа го нарече изборот „сериозна грешка“ и нагласи дека институциите што добиваат јавни средства имаат одговорност да покажат дека омразата и биготизмот имаат последици.

А нејзината позиција имала и дополнителна тежина: Менин е ќерка на преживеан од Холокаустот.

Таа исто така потсети дека Градот Њујорк обезбедува повеќе од 3 милиони долари за Мет за образовни програми.

Потоа се вклучи Anti-Defamation League

Ова е можеби најинтересниот пресврт во целата приказна.

Jonathan Greenblatt, извршниот директор на Anti-Defamation League, првично имал многу помека позиција.

ADL одамна го прифатила извинувањето на Галијано. Неговиот претходник Abraham Foxman лично се среќавал со дизајнерот, му помогнал да работи со рабин, да го посети Auschwitz и во 2013 година оценил дека покажал „вистинско каење“.

Дури и по најавата на Мет, Greenblatt кажал дека ADL верува дека Галијано навистина работел на проблемите што довеле до неговиот антисемитски испад и дека неговите напори за поправка на штетата треба да бидат поздравени.

Но потоа се случи нешто клучно.

Greenblatt го промени тонот.

Како што растеше притисокот, тој се сретнал со директорот на Мет, Max Hollein, и член на одборот и според извештаите директно побарал музејот да се откаже од изложбата.

По откажувањето, неговата порака беше уште поостра:

„This was the wrong move at the wrong moment. Timing matters.“

Односно: погрешен потег во погрешен момент.

Причината повеќе не била само прашањето дали Галијано се покајал.

Била состојбата на антисемитизмот во денешното општество и симболиката на неговото чествување токму во овој момент.

И што направи Галијано?

На крајот, токму Галијано се повлече.

На 31 август објави изјава во која презеде одговорност за своите зборови и директно ги спомена еврејската и азиската заедница.

Тој напиша дека:

„Останувам целосно одговорен за болката што ја предизвикаа моите зборови во минатото...“

И дека длабоко жали за тоа.


Но најважниот дел од неговата нова изјава е нешто друго.

Галијано призна дека откупувањето не се постигнува со изложба, институционално признание или еден јавен гест, туку е континуирана одговорност која се покажува преку слушање, учење и однесување низ времето.

Тој исто така рекол дека не сака дебатата околу него да го стави Мет во тешка позиција или да го одвлече вниманието од работата на Costume Institute.

И токму затоа решил изложбата да не се одржи „во овој момент“.

Ана Винтур? Таа остана зад него.

Реакцијата на Винтур е особено интересна.

Наместо да го осуди Галијано или да каже дека Мет погрешил што го избрал, таа неговото повлекување го нарече „многу храбра одлука“ и изјави дека тоа е мерка за човекот што е тој денес.

Таа рече дека ја поддржува одлуката и дека има целосна поддршка и за Галијано и за Мет.

И повторно го пофали неговиот дизајнерски гениј – кроењето, формата, линијата, бојата и неговата способност да ја претвори модата во приказна.

Тоа покажува дека Винтур и по скандалот и по откажувањето сè уште го смета Галијано за еден од најголемите модни автори на својата генерација.

Но, не сите ја прифатија приказната за „вторите шанси“

Тука е можеби најважната димензија на целиот случај.


За едни, Галијано е човек кој направил ужасна грешка, признал, се лекувал, се извинил, работел со еврејски лидери и повеќе од една деценија живее во трезвеност.

За други, проблемот не е само дали Галијано лично се променил.

Проблемот е дали Мет треба да го претвори неговото покајание во институционална почест.

Авторката и новинарка Dana Thomas, која ја напиша биографијата Gods and Kings за Галијано и Alexander McQueen, остро го критикуваше изборот на Мет. По откажувањето оцени дека изложбата треба да се стави „во кутија на полица“ и да се остави таму извесно време.

Дополнителна критика дојде и од Yad Vashem USA Foundation, која оцени дека Мет воопшто не требало да ја планира изложбата и дека откажувањето не ја брише моралната грешка на првичната одлука.

Зошто случајот е толку важен за модата? Затоа што ова повеќе не е само приказна за John Galliano. Тоа е прашање со кое модната индустрија ќе мора сè почесто да се соочува:

Дали ремек-делото може да се одвои од својот автор?

Може ли дизајнер кој оставил огромна трага во историјата на модата повторно да биде славен ако во минатото сторил нешто што не може едноставно да се избрише?

И уште поважно, дали извинувањето и личната трансформација се доволни за човекот повторно да добие највисока институционална чест?

Мет првично одговори, да, но само ако целата приказна биде кажана, вклучително и најтемниот дел.

Јавноста, дел од еврејската заедница, политичари и донатори одговорија – не во овој момент.

А на крајот, Галијано самиот се повлече.


Иронијата е што Галијано не е „отфрлен“ од модата

Тој не исчезна.

По 2011 година се врати во индустријата. Maison Margiela му даде нова платформа, а неговите колекции повторно добија огромно критичко признание. Неговата последна голема работа за Maison Margiela во 2024 година дополнително го зацврсти статусот на еден од највлијателните автори на современата мода. Но Met Gala е нешто друго.

Тоа не е само модна ревија. Тоа е институционален печат.

И токму затоа приказната заврши вака, не со забрана на Галијано да создава, туку со одлука дека една од најпрестижните културни институции во светот не е подготвена токму сега да му ја даде највисоката можна јавна почест.

А Мет сега мора да најде нова тема за 2027 година.

И тоа, по сè што се случи, веројатно ќе биде една од највнимателно избраните теми во историјата на Met Gala.