За Спировска, изборот на ELENA LUKA за големи сценски настапи не е случаен. Нивната соработка трае повеќе од две децении, а токму сцената, според неа, бара посебна доза на гламур и елеганција
Август заврши во знакот на фестивалскиот гламур, а на две од највпечатливите сцени водителката Ирена Спировска се појави во креации со потписот на ELENA LUKA.
Долгогодишната соработка меѓу една од најпрепознатливите македонски водителки и водечкиот македонски моден бренд уште еднаш покажа дека кога личниот стил и дизајнерскиот потпис се совпаѓаат, резултатот се забележува оддалеку.

На 26 август, на фолк-вечерта од 33. издание на Охрид фест, Охридски трубадури, одржана на отворената сцена на Долни Сарај, Ирена Спировска избра впечатлив беж фустан, висока мода, рачно извезен со камења. Неговата елегантна конструкција и блескавите детали совршено се вклопија во амбиентот на Охридското Езеро и ѕвезденото небо, создавајќи сценски изглед кој тешко останува незабележан.

„Се чувствував доминантно на сцената со блескавиот беж фустан, затоа што бев свесна за неговата уникатност, беспрекорниот крој и изработка, како и за неговата впечатливост и убавина“, вели Спировска, која ја водеше фолк-вечерта на Охрид фест.
Само еден ден подоцна, во предвечерието на големиот празник Успение на Пресвета Богородица, Ирена беше водителка и на Лешочкиот фолк фест, одржан на летната сцена во комплексот на Лешочкиот манастир. За оваа пригода избра виолетова ELENA LUKA креација, со која постигна сосема поинаков впечаток, префинет, нежен и романтичен.

„Во виолетовиот фустан се чувствував префинето, нежно и романтично поради неговиот крој, лесниот материјал, отмената виолетова боја и извонредната складност на моделот“, раскажува таа.
За Спировска, изборот на ELENA LUKA за големи сценски настапи не е случаен. Нивната соработка трае повеќе од две децении, а токму сцената, според неа, бара посебна доза на гламур и елеганција.
„Фестивалските сцени се место каде што се задолжителни гламурот и елеганцијата, а токму тоа во себе го носат моделите на ELENA LUKA. Затоа за секој таков важен и голем настан секогаш бирам EL“, вели Спировска.

Но, зад долгогодишната соработка стои и нешто посуштинско од естетиката, чувството на сигурност што го дава добро избраниот модел.
„Многу е важно како се чувствува жената во фустанот што го носи. Јас во моделите на EL секогаш се чувствувам елегантно, женствено и сигурно. Привилегија е да се носат прекрасните креации со потписот на ELENA LUKA“, додава таа.
Токму во таа комбинација се препознава нивната долгогодишна симбиоза. Ирена Спировска, со својата елеганција, сценско присуство и препознатлив изглед и ELENA LUKA, со силниот дизајнерски потпис и креации создадени да оставаат впечаток, природно се надополнуваат.
Двете фестивалски вечери беа уште една потврда дека на сцена не е доволно само да се биде присутен. Потребни се став, сигурност и креација која ја следи жената, но истовремено ја засилува нејзината појава.
А кога Ирена Спировска ќе застане на сцена во ELENA LUKA, тој ефект доаѓа природно.
Небојша Толески