Модни грешки што Европејките ги избегнуваат, а Македонките сè уште ги прават

Треба секогаш да биде јасно дека модата никогаш не била само прашање на облека. Таа е култура, однос кон себе, начин на комуникација и разбирање на сопствениот идентитет.

Додека низ европските метрополи како Милано, Париз, Копенхаген, Амстердам или Стокхолм сè повеќе доминира концептот на „тивок луксуз“, (често користен термин во денешно време но има суштина) квалитет и индивидуален стил, на македонските улици и понатаму често може да се забележи стремеж кон впечатливост по секоја цена.

Ова не значи дека Македонките немаат стил. Македонија има многу жени со извонредно чувство за мода. Но, постојат одредени навики и модни грешки кои сè уште се присутни многу повеќе отколку во поголемиот дел од Европа. А, ние нели се стремиме кон таа Европа…

Желба да се покаже сè одеднаш

Една од најчестите разлики е односот кон впечатливоста. Ова е многу важно!

Во многу европски земји владее правилото „помалку е повеќе“. Жените често избираат едно парче што ќе биде во фокусот, на пример интересен капут, квалитетна чанта, впечатлив накит или обувки.

Кај нас не ретко може да се види комбинација во која истовремено се присутни силни бои, големи логоа, впечатлив накит, високи потпетици и дополнителни декоративни детали. Наместо стилска хармонија, често се создава визуелен хаос.

Вистинскиот стил не е во количината на впечатливи елементи, туку во нивната рамнотежа.

Опседнатост со брендовите

Во Европа сè повеќе се цени квалитетот, а сè помалку логото.

Многу жени во Париз или Копенхаген носат облека од брендови кои речиси никој не ги препознава на прв поглед. Нивната цел не е да покажат што купиле, туку како изгледаат.

Во Македонија сè уште постои силна потреба брендот да биде видлив. Големи натписи, логоа и препознатливи симболи често се сметаат за показател на статус. Тоа не е толку страшно, но ако брендот е препознатлив и по дизајн и по дезен, скоро и да нема потреба од пренападни логоа.

Најстилските Европејки одамна сфатија дека луксузот не мора да блеска за да биде забележан.

Купување многу, наместо купување паметно

Просечната Европејка денес купува помалку, но поквалитетно.

Таа инвестира во добро палто, квалитетен сако-костум, кожни обувки или добро скроени панталони што ќе ги носи со години.

Кај нас често преовладува логиката „повеќе парчиња за истите пари“.

Резултатот е преполн гардеробер, но чувство дека „нема што да се облече“.

Стилот не се гради со количина, туку со внимателно избрани парчиња.

Следење трендови без критериум

Социјалните мрежи создадоа впечаток дека секој тренд мора веднаш да се прифати.

Европејките многу почесто ги филтрираат трендовите според сопствениот карактер, возраст, фигура и животен стил.

Македонките, особено помладите генерации, понекогаш механички ги копираат изгледите од Instagram или TikTok, без да размислат дали тие навистина им прилегаат.

Модата не треба да биде копија на некој друг. Таа треба да биде продолжение на личноста.

Погрешно разбирање на секси изгледот

Во делови од Европа сензуалноста се гради преку став, држење и самодоверба.

Кај нас сè уште постои верување дека привлечноста мора да биде нагласена преку многу тесна облека, длабоки деколтеа, високи шлицеви или претерано нагласување на телесната линија.

Современата европска мода одамна покажа дека мистеријата често остава посилен впечаток од откривањето на сè.

Игнорирање на моќта на кројот

Најскапата облека нема да изгледа добро ако кројот не одговара на телото.

Токму тука Европејките прават голема разлика.

Тие обрнуваат внимание на должината на панталоните, позицијата на рамениците, струкот, пропорциите и падот на материјалот.

Во Македонија често се купува парче затоа што е модерно, без оглед дали одговара на фигурата.

Добриот крој секогаш изгледа поскапо од скапата облека со лоша форма. Затоа постојат кај нас модни дизајнри и модни куќи кои можат да ви го овозможат тоа.

Претерана употреба на трендовска шминка и естетика

Во многу европски градови доминира природен изглед.

Кожата изгледа како кожа, косата како коса, а шминката служи да ги истакне цртите на лицето.

На Балканот сè уште е присутен трендот на силно контурирање, пренагласени усни, густи трепки и прекумерна обработка на фотографиите.

Но, токму природноста денес се смета за најголем луксуз.

Заборавање дека стилот има врска и со однесувањето

Една од најголемите разлики не е во гардеробата, туку во ставот.

Во Европа стилот се поврзува со начинот на движење, комуникација, културата на однесување и самодовербата.

Најдобро облечената жена во просторијата не мора да носи најскапа облека. Таа едноставно знае како да ја носи.

Проблемот не е во модата, туку во модната едукација

Ова често го потенцираме! Можеби најголемата разлика меѓу Македонија и развиените европски модни средини не е финансиска, туку образовна.

Во земјите со силна модна култура луѓето уште од млади учат за естетика, дизајн, пропорции, квалитет на материјали и историја на стилот. Кај нас модата често се сведува на трендови, инфлуенсери и моментална популарност.

Затоа вистинскиот предизвик не е да се купува поскапа облека, туку да се развива подобро чувство за стил.

На крајот, најголемата лекција што Македонките можат да ја преземат од Европејките е дека стилот не е натпревар кој ќе биде позабележан. Стилот е способност да се остави впечаток без притоа да се бара внимание.

Денешната европска жена не се обидува да изгледа богато, модерно или совршено. Таа се обидува да изгледа автентично. А токму во таа автентичност се крие најголемата тајна на современата елеганција.

Небојша Толески