Црвениот тепих отсекогаш бил многу повеќе од место каде познатите ги покажуваат своите најнови модни комбинации.
Некои појавувања станале историски моменти што ги промениле модните трендови, го поттикнале развојот на нови стилови, па дури и влијаеле врз популарната култура. Ова се неколку од највпечатливите изгледи што и денес се споменуваат како пресвртници во модата.
Принцезата Дијана и „the revenge dress“ (1994)

Кога принцезата Дијана пристигна на хуманитарниот настан во лондонската галерија Serpentine во црниот фустан со откриени раменици светот остана без зборови.Таа вечер беше емитувано телевизиското интервју во кое тогашниот принц Чарлс јавно призна дека имал афера. Наместо да се повлече од јавноста, Дијана се појави самоуверена и елегантна, а фустанот подоцна стана познат како „Revenge Dress“ и симбол на самодоверба и независност.
Џенифер Лопез и зелениот фустан на Versace (2000)

На доделувањето на Греми наградите во 2000 година, Џенифер Лопез се појави во длабоко деколтираниот зелен фустан на Versace. Интересно е што интересот за фотографиите од тој фустан бил толку голем што токму овој настан се смета за инспирација за создавањето на Google Images. Освен што стана еден од најпрепознатливите фустани на сите времиња, тој го промени начинот на кој модата се доживуваше на интернет.
Шер и Боб Меки – почетокот на „голите“ фустани

Многу пред денешните проѕирни и кристално украсени креации, Шер ги поместуваше границите на црвениот тепих. Нејзините спектакуларни креации на Боб Меки од 70-тите и 80-тите години покажаа дека модата може да биде театар, уметност и личен израз.
Лебедовиот фустан на Бјорк (2001)

Кога Бјорк пристигна на Оскарите во фустан во форма на лебед, реакциите беа поделени. Некои го сметаа за модна катастрофа, а други за уметничко ремек-дело. Со текот на времето, токму овој изглед стана симбол на храброста да се биде поинаков и денес редовно се наоѓа на листите со најиконични модни моменти.
Лејди Гага и фустанот од месо (2010)

Еден од најконтроверзните модни моменти се случи на MTV Video Music Awards во 2010 година, кога Лејди Гага носеше фустан изработен од сурово месо. Креацијата предизвика светски дебати за границите меѓу модата, уметноста и активизмот. Без разлика на мислењата, ова останува еден од најпрепознатливите изгледи во историјата на црвениот тепих.