Домот може да биде уреден со многу вкус, а сепак некои детали да го расипат впечатокот. Некои работи веднаш прават домот да изгледа поевтино, натрупано и визуелно неуредно.
Една од најголемите грешки е кога целиот дом изгледа „пресовршено усогласен“. Мебел во ист стил, иста боја и идентични материјали денес се сметаат за застарен тренд.
Наместо тоа, модерните ентериери комбинираат различни текстури, дрво со метал, лен со стакло или винтиџ детали со современи елементи. Токму ваквите контрасти му даваат карактер на просторот.
Пренатрупаните полици се уште една работа што веднаш остава впечаток на хаос.Многу сувенири, ситни украси, рамки и предмети на едно место визуелно го „гушат“ просторот. Дизајнерите советуваат на полиците да има само неколку внимателно одбрани детали што ќе изгледаат впечатливо и стилски.
И осветлувањето игра многу поголема улога отколку што мислиме. Студеното бело светло и класичните лустери прават домот да изгледа безживотно и евтино. Наместо едно централно светло, тренд се повеќе извори на топло осветлување, столни ламби, подни светилки и скриено LED светло што создава попријатна атмосфера.
Голема разлика прават и завесите. Прекратките завеси или оние со тенок и евтин материјал визуелно го намалуваат просторот. Подолгите завеси што паѓаат до подот секогаш изгледаат поелегантно и полуксузно, дури и кога се во едноставна неутрална боја.
Меѓу деталите што најчесто го расипуваат впечатокот се и премногу декоративни натписи на ѕидовите, евтини пластични рамки, премногу декорации и мебел што не е соодветен на големината на просторот.
Интересно е што дизајнерите велат дека домот не мора да биде скап за да изгледа софистицирано. Напротив, природни материјали, внимателно одбрани детали, добро осветлување и малку минимализам можат целосно да ја променат атмосферата.