Нашиот одговор на Микеланџело: уметноста што отсекогаш била пред нашите очи

Дрворезот во Македонија не е само декоративна техника, тој е жив етнографски и уметнички код, вграден во објектите и просторот што го опкружува македонскиот народ. Оваа традиција, развивана со векови, ја одразува колективната меморија, верските уверувања, фолклорните мотиви и уметничката длабочина на македонската култура.

Иако дрворезот се среќава во многу култури, македонската школа на дрворез, особено онаа што израснала од мијачката традиција и византиско-атонски влијанија има својствен стил што не може лесно да се најде никаде на друго место.

Традиција и значење

Во Македонија, дрворезот има длабоки корени: уште од 13-ти век постојат сведоштва за дрворезни дела што ја красат сакралната архитектура, како што е дрвениот релјеф на св. Климент во Охрид, датиран од тој период.

Со текот на Византискиот период, а потоа и под влијание на Атон и италијанскиот барок, традицијата на дрворезот се развива во сложени композиции со религиозни сцени, флорални мотиви, човечки и фантастични фигури, но и елементи од секојдневниот живот на луѓето.

Дрворезот често служел и како симболичен код на личниот и колективниот идентитет. Преку него се пренесувале религиозни пораки, митови, родови и фолклорни приказни, запиша своевидни „визуелни молитви“ за идните генерации, нешто што ја прави оваа уметност значајна не само како занает, туку како културна меморија.

Мијачкиот стил — единствен во светот

Еден од најпознатите правци во македонскиот дрворез е мијачкиот стил, именуван по народот Мијоци од регионот на Мала Река. Овој стил се развил околу 17-18 век и беше силно инспириран од дрворезот од Атон, но многу брзо стекна своја самобитна естетика. Карактеристиките на мијачкиот дрворез се висок релјеф со длабоко изработени детали, сложени флорални мотиви, симболички поврзани со локалната флора, комбинации со човечки и животински фигури, вплеткани во религиозни приказни. Стил што истовремено е духовен, приказен и декоративен, нешто што речиси не постои во истата форма во другите православни дрворезни традиции.

Токму оваа креативна слобода и способност да се истакне етничкиот идентитет преку дрворез го прави мијачкиот начин на обработка уникатен.

Примери на монументални дрворезби во Македонија

Манастир Свети Јован Бигорски

Манастирот „Свети Јован Бигорски“ е еден од најзначајните примери на дрворезано монументално наследство во Македонија. Неговиот иконостас е дело на мајстори од мијачката школа, предводени од Петре Филиповски- Гарката.

Овој иконостас се смета за едно од најдобрите дрворезби во земјава и поседува изразени религиозни и уметнички вредности, со сложени сценски прикази и богата симболика што го надминува простото декоративно обработување.

Црква Свети Спас- Св. Спасител

Иконостасот во црквата „Св. Спасител“ во Скопје е уште едно ремек-дело на дрворезачката уметност во Македонија, создадено од Петре Филиповски Гарката и неговата група. Тој покажува библиски сцени во длабок релјеф, со фигури облечени во традиционална македонска народна носија, што е ретка појава во православните иконостаси.

Иконостаси и дрворезби во Охрид

Во Охридскиот регион има голем број дрворезби од средновековниот период. Најстариот запишан пример е дрвениот икон на свети Климент од 13-ти век, како и делови од дрворезни композиции што потекнуваат од 14-ти век, вклучувајќи дрвени врати и олтарни делови.

Објекти надвор од сакралниот контекст

Дрворезот во Македонија не бил резервиран само за цркви. Од 18-ти и 19-ти век, домаќинските објекти, тавани, мебел, врати и столбови биле украсувани со дрворезни мотиви, што ја истакнува секуларната употреба на овој занает и неговото втемелување во секојдневниот живот.

Што го прави македонскиот дрворез посебен во светски рамки?

Длабок дух и симболика: Македонскиот дрворез, особено мијачкиот ја комбинира религиозната традиција со локални мотиви, при што не само што краси објекти, туку пренесува историја, верувања и локален дух. Висок релјеф и техничка сложеност, изработките често достигнуваат длабоки нивоа на релјеф, со сложени мотори што ги прават делата речиси скулптурни. Интеграција во секојдневниот живот, од цркви до домови, дрворезот беше дел од архитектурата и побитните предмети, демонстрирајќи како уметноста може да биде органски дел од животот на народот, а не само музејски експонат.

Н.Т