Не една, ќе бидат две МЕТ ГАЛИ: Еве ги деталите

Дубаи подготвува нов спектакл на 13 ноември: „Art Through The Female Gaze“ е темата на првото издание, а Vogue бара од гостите да носат уметност, а не само вечерна мода

Се раѓа нова голема модна сцена во Дубаи. Vogue Arabia го претставува првиот Vogue Arabia Ball: Art Edition, нов годишен настан кој треба да ги спои модата, уметноста, културата и забавата во една спектакуларна вечер.

Премиерното издание ќе се одржи на 13 ноември 2026 година во Forum Ballroom во Delano Dubai, на Bluewaters, а настанот ќе биде со покани и ќе собере имиња од светот на модата, уметноста, забавата и културата, како и познати личности, членови на кралски семејства, влијателни личности и претставници на луксузната индустрија. 


Иако првата асоцијација можеби е токму Met Gala, Vogue Arabia не го претставува Ball-от како копија на њујоршкиот спектакл, туку како нов формат кој треба да стане своја регионална институција. Идејата е секое издание да има различна тема, различна креативна визија и, со текот на годините, да се преселува во различни градови низ регионот. Дубаи е само првата станица. 


„Art Through The Female Gaze“

Темата на првото издание е „Art Through The Female Gaze“ – „Уметност низ женскиот поглед“.

Со тоа Vogue Arabia сака во центарот да ги постави женските перспективи и жените кои денес активно го обликуваат културниот и креативниот разговор во регионот.

Темата нема да биде само декоративна заднина. Уметноста треба да биде вткаена во целото искуство – од црвениот тепих и сценографијата до инсталациите и начинот на кој гостите ќе ја интерпретираат темата преку своите модни избори. 

Во реализацијата на концептот се вклучени две емиратски уметници, Шаиха Ал Мазру и Дабија Ал Кубаиси.

Ал Мазру е меѓународно препознаена по скулптури во кои ги истражува формата, материјалот, бојата и просторот, додека Ал Кубаиси работи со сликарство, мешани техники и текстил, истражувајќи теми како меморијата, присуството и личното искуство. Нивните различни уметнички јазици ќе бидат интегрирани во имерзивниот свет на Ball-от. 


Црвениот тепих ќе биде дел од изложбата

Ако се очекува нешто од ваков настан, тоа се модните изданија, а Vogue Arabia веќе постави прилично јасни правила.

Дрес-кодот е „Black Tie Art-Inspired“, односно свечено облекување инспирирано од уметноста, при што Vogue експлицитно дава приоритет на арапските дизајнери.

И тука започнува најинтересниот дел.

Наместо класично вечерно облекување, гостите се охрабруваат да размислуваат за облеката како за носечка уметност. Vogue предлага скулптурални силуети, необични пропорции, експресивни бои, богати текстури, сложена рачна изработка, драматични набори и драпирања, вез, апликации и други детали што ја претвораат материјата во тродимензионален визуелен објект. 

Тоа значи дека на црвениот тепих може да се очекуваат архитектонски кроеви, волуменозни форми, нагласени раменици, асиметрични конструкции и силни колоритни интервенции.

Но, Vogue остава простор и за посуптилна интерпретација. Целосно монохроматска креација со совршена конструкција може да биде еднакво „уметничка“ како и фустан во експлозија од бои. Клучот не е костимот буквално да личи на уметничко дело, туку дизајнерската идеја да биде видлива.

И накитот станува скулптура

Уметничкиот концепт не завршува со фустанот.

Vogue Arabia предлага накитот да се третира како минијатурна скулптура, со архитектонски манжетни, апстрактни обетки, необични камења и неочекувани пропорции.

Дури и вечерната чанта може да функционира како мал уметнички објект, додека обувките можат да внесат неочекуван визуелен момент во целокупниот изглед. 

И убавината станува дел од концептот. Графички eyeliner, металик ефекти, силна боја на очите или впечатлив кармин можат да бидат последниот „потег со четката“, додека минималистичкиот beauty изглед може да биде намерен контраст на драматичната креација.


Цела вечер дизајнирана како уметничко искуство

Vogue Arabia Ball нема да се сведе само на црвен тепих.

Програмата предвидува art-inspired red carpet, имерзивни инсталации и искуства, курирана вечера и музичка програма во живо. Вечерта ќе кулминира со настап на голема регионална музичка ѕвезда, чиј идентитет засега се чува во тајност. 

А токму црвениот тепих, според Vogue Arabia, нема да биде само вовед во уметничката вечер, тој самиот треба да биде дел од изложбата. 

Тоа е можеби и најинтересната разлика во однос на класичните гала-вечери: гостите не се само публика, туку стануваат дел од визуелниот концепт.

Vogue Ball сака да остави трага и по завршувањето на забавата

Зад спектаклот има и посериозна цел.

Vogue Arabia соработува со Art House Education Dubai, институција со одобрение од KHDA која нуди курсеви од областа на уметноста и дизајнот. Во рамките на иницијативата, одреден број учесници ќе добијат бесплатни места на курсеви, со цел уметничкото образование да биде подостапно за новата генерација креативци. Деталите за аплицирањето и изборот допрва треба да бидат објавени.

На Балот ќе биде објавен и победникот на Creators of Craft Design Challenge, регионален проект на Vogue Arabia во соработка со IQOS и со учество на италијанскиот дизајнерски бренд Seletti. Проектот ги поврзува традиционалните занаетчиски наследства на регионот со современиот дизајн, а учесници од ОАЕ, Саудиска Арабија, Кувајт, Либан и Египет беа повикани да создадат нови концепти инспирирани од регионалното наследство. 

Победникот ќе добие можност за нарачана соработка со IQOS, платено патување на Milan Design Week, текст во печатеното издание на Vogue Arabia и ексклузивни мастер-класови. 

Дубаи како прва сцена на новата регионална институција

Зад целиот проект стои и поширока амбиција. Главниот уреднички директор на Vogue Arabia, Мануел Арнаут, Ball-от го опишува како прослава на регионалната креативна сцена во момент кога ОАЕ добива нова културна динамика преку музеи, уметнички саеми и нови генерации уметници и дизајнери. 

И токму затоа Дубаи е логичен почеток. Но не и крајна дестинација.

Vogue Arabia Ball е замислен како годишен настан, при што секое издание ќе добива своја тема и свој визуелен идентитет, а локацијата може да се менува низ регионот.

Првото поглавје е резервирано за Дубаи, за 13 ноември 2026, и за идејата дека модата не мора само да ја следи уметноста, може и самата да стане уметност.