Не недостижен луксуз, туку облека, музика и славење што допира до сите: Bad Bunny брилираше

Синоќа, Бенито Антонио Мартинез Окасио кој светот го знае како Bad Bunny изведе едно од најмоќните, најинспиративни и најемотивни halftime шоуa во историјата на Супербоулот. Тоа беше славење на латинската култура и заедница во момент кога темнината и безнадежноста лесно можат да надвладеат, а радоста станува чин на отпор. Спектаклот на Bad Bunny беше токму тоа- светла точка.

Настапот беше исполнет со внимателни симболи од неговото порториканско потекло. Сценографијата ја вклучуваше традиционалната casita што доминираше и на неговите концерти изминатата година, garita — карактеристични стражарски кули од тврдините на Стар Сан Хуан, лабомба-танчери, како и гостувања на ѕвезди како Џесика Алба, Педро Паскал и Карди Би. Настапија и легендарниот Рики Мартин, како и Лејди Гага, која носеше специјално изработен син фустан со плисирани карнери и брош во форма на flor de maga, националниот цвет на Порторико, дизајниран од брендот Luar, зад кој стои доминиканско-американскиот дизајнер Раул Лопез. Многу од танчерите беа облечени во плетени парчиња на порториканската дизајнерка Џомари Сегара и нејзиниот бренд Yomas.

Сите со нетрпение чекаа да дознаат кој дизајнер ќе го облече Bad Bunny за оваа историска вечер. Реално, тој можеше да избере било кој луксузен бренд. Дали ќе беше повторно Schiaparelli, како на Греми наградите? Или Calvin Klein, бренд чиј заштитно лице беше во 2025 година?

Наместо тоа, Bad Bunny направи изненадувачки избор- Zara. Да, неговиот целосно бел стајлинг, краток дрес со нагласени раменици (на кој на грбот гордо стоеше презимето на неговата мајка- Ocasio) и панталони врзани со јаже, препознатлив мотив од неговиот последен албум DeBÍ TiRAR MáS FOToS, беше специјално изработен од шпанскиот моден гигант, бренд што може да се најде во секој трговски центар ширум светот.

Зошто Zara? Дали затоа што можеби најавува идна соработка? Или затоа што го очекува турнеја во Шпанија? А можеби причината е многу поедноставна, Bad Bunny сакал да носи нешто навистина достапно за милионите луѓе што го гледаа настапот ширум светот. Постои силна порака кога една од највлијателните личности на денешницата, на една од најголемите светски сцени, носи облека што публиката реално може да ја купи и носи секојдневно.

Ако изборот на Лејди Гага да поддржи независен латински дизајнер беше значаен од аспект на видливост и културна тежина, тогаш стајлингот на Bad Bunny зборуваше за нешто друго, за неговата ретка способност да обединува луѓе преку музика, уметност и мода.

Секој моден избор носи симболика, без разлика на цената. Дури и неговиот финален изглед, двоен бел костум, повторно беше дело на Zara. Можеби публиката ќе ги имитира неговите стајлинзи, но уште поважно, можеби ќе ја имитира и суштината на целиот настап- љубезност, заедништво и единство што ги надминува границите.

Тоа е пораката што ни е потребна денес, не недостижен луксуз, туку облека, музика и славење што допира до сите, не само до некои.

Н.Т