Нема ниту една права линија: Најрадикалниот дом на 20 век- архитектура што изгледа како да е од друга планета

Кога архитектурата реши да ги отфрли правилата, резултатот може да изгледа како да доаѓа од друга планета. Palais Bulles — попознат како „Bubble Palace“ (Палатата на балоните) — е токму тоа: радикален експеримент што ја редефинира идејата за дом и простор.

Сместен на француската Ривиера во Théoule-sur-Mer, овој архитектонски бисер се издига над Медитеранот како органско продолжение на пејзажот, создадено без ниту еден прав агол.

Роден од необична визија

Дизајниран од унгарскиот архитект Анти Ловаг, Palais Bulles е изградена во периодот од 1975 до 1989 година на барање на францускиот индустријалец Пјер Бернар, кој сакал дом кој би бил „поинаков од сè што постоело“.

Ловаг, често опишуван како „хабитолог“, архитект кој ги става човечките потреби пред формата- целосно го отфрли користењето прави линии, сметајќи ги за „агресија против природата“. Наместо тоа, тој создаде простор што „течеше“ како природна форма, инспириран од пештерите, природните заклони и животните околу нас.

За Ловаг структурата не била само зградa, таа требало да се живее: брановидни ѕидови, меки куполи и кружни отвори што се слеваат едни во други создаваат чувство дека влегувате во „жив организам“, во кој секое движење е природно и ненасилно. „Е како да влегуваш во човечко тело“, забележал самиот архитект за овој концепт.

Органска форма, футуристички дух

Со површина од околу 1.200 квадратни метри на терен од 8.500 м², Palais Bulles е составена од мрежа на тесно поврзани сферични обеми. Тука се вклучени 29 простории, меѓу кои 10 спални и 11 бањи, секоја со уникатен карактер. Панорамски салон со поглед кон Медитеранот. Голема сала за приеми што може да прими над 350 гости. Отворен амфитеатар со 500 седишта, вграден во падината. Базени, водопади и градини што се спојуваат со надворешноста.

Сите овие елементи комуницираат преку кривини, куполи и отвори што го омекнуваат чувството за простор и создаваат атмосфера на „жива архитектура“.

Од експериментален проект до модна илузија

Откако почина Бернар, резиденцијата ја купи познатиот моден дизајнер Пјер Кардин во 1992 година, кој ја претвори во своја визија на иднината на домувањето, но истовремено ја користеше како сцена за креативни настани и културни случувања. Тој ја опиша куќата како „мој ќош од рајот“ и често ја користеше за приеми, ревии и сцени на модни настани.

Под негово покровителство, Palais Bulles доби статус на икона на „блобитектурата“, термин што го опишува архитектонскиот правец што го слави органското и обликот инспириран од природата. Дури и луксузни модни ревии, како Dior Cruise 2016, се одржаа тука, со што оваа куќа стана едно од најнеобичните места каде светот на мода и архитектура се пресекува.

Интеграција со околината

Сместена на падината од естерелските карпи, фасадата на Palais Bulles е обвиена во земјени розови и охра тонови, во согласност со локалните плански прописи кои бараат објектите да се усогласат со пејзажот. Сместувањето над спектакуларниот Медитерански залив не е само естетски избор, тоа е дел од целосната архитектонска визија, домот да биде дел од природата, а не да доминира над неа.

Културно наследство и иднина

Во 1999 година, Palais Bulles беше прогласена за историски споменик на Франција, признание што ја потврдува нејзината вредност не само како необичен дом, туку и како културно наследство на 20-тиот век.

По смртта на Кардин, судбината на овој архитектонски бисер останува предмет на интерес и дебата. Иако во 2017 беше на пазарот по проценета цена од околу 350–400 милиони евра, тој не најде сопственик, што ја прави оваа куќа уште посимболична, како простор што никогаш не се вклопува во конвенционалите на пазарот, но продолжува да инспирира.

Зошто Palais Bulles е повеќе од архитектура?

Palais Bulles не е само дом. Тој е визија, израз на индивидуалност, пример на интеграција на човекот и природата, и симбол на идејата дека архитектурата може да биде уметност што се живее, а не само објект што се гледа.

Н.Т