Никаде во светот, само кај нас: Чинговата окатка, може да биде македонски моден бренд

Во повеќе наврати сме пишувале за богатствата што ги има Македонија, а кои не постојат на ниту едно друго место во светот. Тоа не се само пејзажи, манастири, езера или археолошки локалитети, туку и жив свет што опстанал само овде, на нашата почва. Токму затоа треба да бидеме свесни што поседуваме, како да го зачуваме и како мудро да го претвориме во национална вредност.

Еден од највпечатливите примери се наоѓа на превојот Плетвар, во прилепскиот регион, место кое во Националната стратегија за заштита на природата (2017–2027) се споменува меѓу десетте најважни центри на национален ендемизам. Причината се специфичните почви, минерали и геолошки услови што овозможиле појава на ретки и уникатни видови.

Меѓу нив, посебно место има Чинговата окатка (Pseudochazara cingovskii) дневна пеперутка која, според досегашните научни сознанија, живее само на Плетвар и никаде на друго место на планетата.

Пеперутка што постои само на 1,5 квадратни километри

Овој редок вид е откриен релативно доцна и веднаш го привлече вниманието на научната јавност. Се среќава на површина од околу 1,5 км², на сув, каменит и варовнички терен, со ретка вегетација, на надморска височина од 1000 до 1200 метри.

Возрасните единки летаат од крајот на јули до почетокот на август, краток период во кој се размножуваат и полагаат јајца. Сѐ уште не е целосно утврдено во која форма ја минуваат зимата, што покажува дека овој вид и натаму крие научни тајни.

Според Butterfly Conservation Europe, Чинговата окатка е еден од најретките и најчувствителни видови дневни пеперутки во светот.

Природен камуфлажен дизајн

Пеперутката е обоена во светлосиви и земјени нијанси, со суптилни шари кои речиси совршено се вклопуваат со бојата на камењата на Плетвар. Таа природна камуфлажа ѝ помага да се заштити од грабливци.

Но токму во таа шара се крие нешто повеќе од биолошка функција- вистинска естетика.

Нејзините линии, кружни „очи“, текстури и природни тонови можат да бидат неисцрпна инспирација за македонските модни дизајнери, текстилната индустрија и креативниот сектор.

Македонски моден производ што никој друг го нема

Замислете колекција на фустани, марами, палта или аксесоари инспирирани од Чинговата окатка. Материјали со дезен преземен од нејзините крилја.

Брошеви, накит, рачно везени детали или принтови што носат приказна за македонската природа. Тоа би бил автентичен македонски моден производ, заснован на нешто што го нема никаде во светот.

Во време кога светската мода бара оригиналност, локален идентитет и одржливи приказни, Македонија веќе има подготвен симбол, само треба да го препознае.

Од природна реткост до национален бренд

Во многу земји, ендемските видови стануваат национални симболи. Се користат во дизајн, сувенири, туристички кампањи, едукативни програми и културни проекти.

Зошто и Македонија да не го направи истото?

Чинговата окатка може да стане симбол на македонската биолошка уникатност, инспирација за модни колекции, мотив за домашен текстил и ракотворби, бренд за еко-туризам на Плетвар, дел од едукативни кампањи за заштита на природата.

Загрозено богатство

За жал, ова природно чудо е сериозно загрозено. Истражувањата на Македонското ентомолошко друштво покажуваат дека на Плетвар има не повеќе од 3000 возрасни единки, со тренд на намалување.

Од 2010 година, видот се наоѓа на Црвената листа на загрозени видови, во категоријата критично загрозен.

Главна закана се рударските активности и каменоломите во близина на нејзиното живеалиште, како и нарушувањето на специфичниот екосистем на кој зависи нејзиниот опстанок.

Ако ја изгубиме, ја губиме засекогаш

За разлика од многу други видови кои живеат на повеќе места, Чинговата окатка постои само овде. Ако исчезне од Плетвар, исчезнува од светот. Затоа заштитата не е само еколошко прашање, туку и прашање на национална свест.

Македонија има нешто што никој друг го нема

Во едно мало парче земја кај Плетвар живее пеперутка што не постои никаде на друго место. Таа не е само инсект, таа е приказна, уметност, потенцијален бренд и доказ дека Македонија крие светски реткости.

Можеби токму од нејзините крилја ќе се роди идната македонска модна колекција што ќе ја види светот. Но прво, мора да ги сочуваме тие крилја.

Небојша Толески