Легендарната актерка искрено проговори за одлуката никогаш да не се подложи на естетски зафати: „Никогаш не сум се чувствувала подобро“
Џоди Фостер отворено проговори за проблемот што, за жал, ги оптоварува многу актерки во Холивуд.
Додека голем број од нејзините колешки, јавно или тајно, се одлучуваат за ботокс, филери и естетска хирургија, Џоди тргнала по сосема поинаков пат и, како што самата вели, никогаш не била посреќна.
Оскаровката, која денес има 63 години, откри дека по својот 60-ти роденден едноставно престанала да се грижи за стареењето.
„Се чувствувам навистина среќна. Не знам што точно се случи, педесеттите години ми беа многу тешки. Општеството постојано ви наметнува чудни правила, како да треба да се натпреварувате со луѓе двојно помлади од вас и постојано да се споредувате со тоа како сте изгледале во дваесеттите години“, изјавила Фостер.

Таа признава дека токму педесеттите години од животот биле обележани со хормонални промени, анксиозност и чувство дека никогаш не е доволно добра.
„Постојано имав чувство дека нешто ми недостига. А потоа, кога наполнив 60 години, нешто едноставно се промени. Си реков: ‘Па, веќе не ми е грижа’.“
Подбрадокот како заштитен знак
Одбивањето на ботоксот, филерите и какви било естетски или хируршки интервенции денес го доживува како своевидна предност.
Со насмевка зборува и за тоа како се замислува во седумдесеттите години.
„Ќе бидам единствената што нема вештачко лице. Единствената што сè уште ќе има образи и ќе може да глуми некоја баба зависничка. И навистина се радувам на тоа!“, рекла низ смеа.
Најдобрите улоги дошле подоцна
Кога станува збор за кариерата, Фостер смета дека денес е поисполнета од кога било.
Според неа, улогите во продукциите како „True Detective“ и „The Mauritanian“ ѝ донеле многу поголемо професионално задоволство отколку многу од блокбастерите што ги снимала во младоста.
„Мојата работа денес е подобра од кога било. Тоа е поврзано со фактот што знам кога е време другите да дојдат до израз и како да им помогнам на луѓето да раскажат приказни кои досега не биле слушнати“, вели актерката.
За родителството: „Сакам моите деца сами да успеат“
Во разговорот Џоди Фостер се осврнала и на својата улога како мајка.
Нејзиниот постар син, Чарли, тргнал по нејзините стапки и се обидува да изгради актерска кариера, но таа нагласува дека нема намера да се меша во неговите одлуки.
„Многу внимавам на никаков начин да не се вмешувам и да не давам мислење за тоа што работи. Се трудам да бидам позитивна и неутрална, бидејќи мојата мајка не беше таква. Навистина сакам моите деца да знаат дека успеале сами и дека самите треба да ја преземат одговорноста и за своите успеси и за своите неуспеси“, истакнала таа.
Нејзиниот помлад син Кит, кој го има со поранешната партнерка Сидни Бернард, избрал сосема поинаков животен пат – науката.
„Не разбирам ништо од тоа што го работи, иако вредно ми испраќа сè и се обидува да ми објасни“, признала Џоди Фостер со насмевка.


