Од град со индустриски депонии до „БИЛБАО ЕФЕКТ“: Архитектонско ремек-дело што го промени светот

Во срцето на северна Шпанија, на брегот на реката Нервион, стои едно од најзначајните архитектонски остварувања на доцниот 20-ти век — Guggenheim Museum Bilbao. Изграден во 1997 година според дизајнот на канадско-американскиот архитект Франк Гери, музејот не само што ја промени физичката слика на градот туку ја преобликува и неговата судбина.

Музеј Гуггенхајм Билбао e со површина од околу 24.000 м², од кои 9.000 м² се посветени на изложбени простори. Зданието е внимателно склопено околу централниот атриум и поврзано со виткави, органски форми, стаклени и титаниумски лифтови и криви платформи кои инспирираат динамичен, растечки простор за посетители.

Архитектонски, музејот претставува скулптура од челик и светлина, која рефлектира софистицираност и експериментален дух. Титаниумските панели што го обвиткуваат објектот не само што обезбедуваат импресивен визуелен ефект, туку и реагираат на промените на светлината и времето, правејќи го објектот „жив“ со секој нов агол на гледање.

Од моментот кога ги отвори вратите, Guggenheim Bilbao привлече внимание надвор од стандардните граници на архитектурата — тој стана икона на „Bilbao Effect“, термин што се користи за да се опише како архитектонски спектакл може да го катапултира економскиот и културниот развој на цел град.  Овој ефект не е само теоретски концепт: во првите три години по отворањето, музејот привлече милиони посетители и генерираше значителни приходи преку туризам, хотели, ресторани и други услуги, создавајќи илјадници работни места и зголемување на вредноста на недвижностите.

Градот Bilbao, некогаш доминиран од индустриски депонии и економски пад, се препороди во културен и економски центар, со обновен рекреативен простор покрај реката, нови јавни простори, модерни мостови и инфраструктура.

Но „Bilbao Effect“ не значи само економија — тој е модел за урбана стратегија, кој инспирираше градови ширум светот да инвестираат во архитектонски и културни проекти како мотор за обновување и глобална видливост.

Денес, една четвртина век по неговото отворање, Guggenheim Museum Bilbao останува не само дом на современа уметност, туку и семиња на новата генерација на архитектонски визии, кои здружуваат технологија, уметност и урбан развој за да создадат објекти со вистинско општествено влијание.

Н.Т