Old money естетика: Кога ненаметливоста станува модна изјава

Old money е еден од модните стилови чијашто привлечност не се базира на впечатливи трендови, логоа или облека што веднаш привлекува внимание.

Оваа естетика е препознатлива по ненаметлива елеганција, класични кроеви, квалитетни материјали и комбинации што изгледаат актуелно и без да бидат дел од моменталната модна сезона. 

Класични парчиња 

Во гардеробата инспирирана од old money стилот најчесто доминираат парчиња што можат да се носат со години како добро скроен блејзер, бела кошула, панталони со висок струк, џемпер од фина плетка, мантил, мокасини и едноставни кожени чанти. Силуетите се чисти, без премногу детали, а акцентот е на тоа облеката да изгледа убаво, да стои природно и да може лесно да се комбинира.



Палета на бои што секогаш изгледа складно

Крем, беж, бела, темносина, сива, кафена и маслинесто зелена се меѓу боите што најчесто се поврзуваат со оваа естетика. Нивната предност е што лесно се комбинираат меѓусебно, па гардеробата може да содржи помалку парчиња, а да нуди многу различни комбинации. Наместо контрасти што доминираат, old money стилот се потпира на суптилни разлики во нијансите, материјалите и текстурите, крем џемпер со беж панталони, темносин блејзер со бела кошула или кафени обувки со светла гардероба.


Внимание на деталите

Во овој стил, деталите не се случајни. Златен часовник, тенок кожен ремен, бисерни обетки, очила со класична рамка или квалитетна чанта можат да бидат доволни за да ја заокружат комбинацијата. Аксесоарите не треба да бидат премногу впечатливи, ниту да се натпреваруваат со облеката. 



Old money не значи скап гардеробер 

Една од најчестите заблуди е дека овој стил бара брендирани парчиња и голем буџет. Всушност, неговата основа е во внимателниот избор. Џемпер во неутрална боја, панталони со добар крој, кошула што убаво стои и обувки што одговараат на повеќе комбинации можат да создадат сличен впечаток без да бидат скапи. Многу поважно е облеката да биде чиста, негувана, со соодветна големина и без непотребни детали што го нарушуваат изгледот.



Естетика што не зависи од модните сезони

Old money можеби е тренд на социјалните мрежи, но неговата основа е многу постара од хаштаговите и модните видеа. Тоа е естетика што ја слави класиката, умереноста и облеката што не ја губи привлечноста по една сезона. Најубавиот дел од овој стил е што не мора да се копира буквално. Доволно е да се изберат неколку класични парчиња, да се комбинираат со сопствениот вкус и да се избегне претерување.