Сто години по смртта на Антони Гауди, официјално е потврдено дека планинското одморалиште Xalet del Catllaràs во каталонските Пиринеи е негово дело.
Веројатно сите сте слушнале за Саграда Фамилија во Барселона, а ако не сте, тогаш сигурно сте слушнале за црквата во Шпанија што се гради со векови и сè уште не е целосно завршена. Иако со години се најавува дека изградбата е при самиот крај, тој крај никако да пристигне. Најновите информации велат дека над храмот конечно се издигнал последниот крст на кулата на Саграда Фамилија. Доколку ова навистина е така, ќе се означи симболичен крај на еден од најдолговечните архитектонски проекти во историјата.
И токму кога светот почна да се подготвува за период во кој помалку ќе се зборува за славниот каталонски архитект Антони Гауди, пристигна вест што докажува дека неговата приказна сè уште не е завршена.
Потврдена нова градба на Гауди
Цел век по смртта на архитектот, во густите шуми на каталонските Пиринеи официјално е потврдено уште едно негово архитектонско дело. Станува збор за Xalet del Catllaràs, скромно планинско одморалиште сместено во масивот Катљарас, во близина на градчето Ла Побла де Лилет, околу сто километри северно од Барселона.

Со години оваа градба се споменувала само во стручната литература, локалните весници и регионалните туристички водичи, но никогаш официјално не била вклучена во опусот на Гауди. Сè до денес.
Истражувањето го предводел Галдрик Сантана Рома, директор на Катедрата „Гауди“ при Политехничкиот универзитет во Каталонија. Неговиот тим, врз основа на архивски документи и детални споредби со веќе познатите проекти на Гауди, успеал недвосмислено да го потврди авторството. Резултатите се објавени токму во годината кога се одбележуваат 100 години од смртта на архитектот.
Трагата на Гуељ води кон планините
Нарачател на проектот бил Еузеби Гуељ, индустриски магнат и долгогодишен покровител на Гауди, човек без кого немаше да постои ниту Парк Гуељ, ниту многу други архитектонски ремек-дела.
Гуељ поседувал рудници за јаглен во овој регион, а одморалиштето било изградено меѓу 1901 и 1908 година за инженерите што работеле во рудниците, од кои голем дел биле Британци.
Поинаквото лице на Гауди
Овој проект открива сосема поинаква страна на Гауди. Наместо спектакуларни фасади, урбани палати и монументални храмови, овде се работи за градба вклопена во суровиот планински пејзаж.
Куќата има компактен волумен и необичен распоред со надворешно скалиште. Стрмниот покрив и масивните камени ѕидови совршено одговараат на планинската клима на Пиринеите.
Но, токму геометријата на скалите, карактеристичните лакови и организацијата на просторот јасно го откриваат потписот на Гауди.

Еден од најважните докази бил параболичниот лак, форма која за тоа време била толку револуционерна што градителите не верувале дека може да биде доволно стабилна.
„Беше толку нова и смела идеја што оние што ја граделе едноставно не ѝ верувале“, објаснува Сантана.
Зошто Гауди никогаш не го потпишал ова дело?
На почетокот на 20 век Гауди бил преоптоварен со проекти и изградбата на Xalet del Catllaràs им ја доверил на своите соработници, без лично да ја надгледува реализацијата.
Конечниот резултат не бил целосно во согласност со неговите оригинални цртежи. Во тоа време било вообичаена практика архитектите да не го потпишуваат проектот доколку не бил изведен точно според нивната замисла.

„Може да се каже дека ова е споредно дело“, вели Сантана. „Но она што го прави навистина посебно е начинот на размислување на Гауди. Тука тој имал целосна слобода, без урбанистички ограничувања и без прописи за висина. Токму затоа на ова место ја применил својата филозофија на модерната архитектура во нејзината најчиста форма.“
Вест што локалното население одамна ја знаело
За жителите на Ла Побла де Лилет ова откритие не било изненадување.
„Ова е правда и потврда на нешто што мештаните отсекогаш го знаеле“, изјавил градоначалникот Енрик Пла.
Со години планинарите кои минувале низ шумите застанувале покрај оваа скромна градба без да знаат дека пред себе гледаат дело на еден од најголемите архитекти во модерната историја.
Каталонската министерка за култура Сонија Ернандес Алмодовар го поздрави откритието како резултат на „ригорозно истражување од исклучителна вредност за културното наследство“, кое дополнително го збогатува творечкиот опус на Гауди токму во оваа симболична година.
Локалните власти, кои се сопственици на објектот, веќе размислуваат колибата да биде претворена во планинско засолниште и туристичка атракција, со што ќе се обезбеди нејзино зачувување и отворање за пошироката јавност.
Она што речиси еден век било скриено во сенките на пиринејските шуми, денес конечно добива место во историјата на архитектурата како уште едно, долго заборавено, но автентично дело на генијалниот Антони Гауди.
Н.Т