
Во 2005 година, светот со восхит и емпатија ја следеше нејзината храбра борба со ракот на дојка, кога имаше само 36 години.
Но сега, Калји Миног откри дека пред пет години повторно се соочила со рак, искуство кое, како што самата признава, ја претворило во „сенка од човек“.

Поп-иконата, денес 57-годишна, низ солзи раскажува дека својата дијагноза од 2021 година ја чувала далеку од јавноста, токму во периодот кога нејзината кариера повторно доживуваше огромен подем. Во третата епизода од искрениот документарен серијал KYLIE, кој премиерно пристигнува на Netflix, пејачката открива дека во еден момент била толку психички исцрпена што „не сакала ниту да излезе од дома“.
„Мојата втора дијагноза на рак беше во 2021 година“, вели таа во емотивната завршница на документарецот, седејќи со својот тим текстописци.
За разлика од првиот пат, кога секој нејзин чекор беше следен од медиумите, овојпат успеала болеста да ја задржи само за себе.
„Се обидував да го пронајдам вистинскиот момент за да им кажам на луѓето“, признава таа.
„Не чувствував обврска да му кажам на светот, а искрено, тогаш едноставно не можев. Бев само школка од човек. Во еден период дури не сакав ни да излегувам од дома.“
Нејзиниот голем камбек хит Padam Padam беше објавен во 2023 година и стана глобален феномен, песна на летото која ѝ донесе и Греми награда за најдобра поп-денс снимка. Но зад сцената, Кајли и понатаму тивко ја водела својата битка со ракот.
‘Сега е моментот’, но…
„Padam Padam ми отвори многу врати, но длабоко во себе знаев дека ракот не беше само мала епизода во мојот живот“, вели таа.
„Навистина сакав да кажам што се случи, за конечно да го пуштам тоа од себе. На секое интервју си мислев: ‘Сега е моментот’, но повторно го задржував за себе.“
Пејачката откри и дека песната Story, напишана за нејзиниот шеснаесетти студиски албум Tension, всушност зборува за нејзината втора борба со ракот.
Без фановите да знаат, токму преку стиховите таа ја раскажувала својата болка:
„Имав тајна што ја чував само за себе…
Имав билет во еден правец што не водеше никаде.“
„Беше важно да проговорам, но најважно беше што тоа беше моја одлука“, вели Миног за решението конечно јавно да зборува за дијагнозата.
„Работењето на овој документарец значеше навраќање на многу клучни моменти од мојот живот — а ова беше еден од нив.“
Таа додава дека се надева оти нејзината приказна ќе биде потсетник за луѓето редовно да прават прегледи.
„Раното откривање беше од огромна помош и бескрајно сум благодарна што денес можам да кажам дека сум добро.“
Австралиската ѕвезда, која се прослави во 1980-тите преку култната серија Neighbours, беше на врвот на кариерата кога првпат се разболе во 2005 година. Тогаш требаше да настапи како главна ѕвезда на Glastonbury Festival, но беше принудена да ги откаже концертите и да започне хемотерапија и радиотерапија во Париз, опкружена од семејството и тогашниот партнер Оливие Мартинез.
Во документарецот открива и една длабоко лична и болна вистина, дека тогаш ја одложила хемотерапијата за да се обиде да стане мајка.
По втор пат канцер: Кајли Миног го сокри тоа од јавноста, сега кажа сѐ
„Имав 36 години кога ја добив дијагнозата и веќе бев во период кога размислуваш за деца“, раскажува таа.
„Се обидов. Дури и ја одложив хемотерапијата заради тоа, што беше навистина страшно, бидејќи единствено што посакуваш е болеста веднаш да исчезне.“
Миног вели дека неколкупати се обидела да забремени преку ин витро оплодување, секогаш „со тенка нишка надеж“, убедена дека мора барем да се обиде.
„Да се случеше, тоа ќе беше речиси чудо. Но животот не тргна по тој пат.“
Не се оствари како мајка
Во еден од најемотивните моменти од документарецот, таа чита писмо што му го напишала на своето идно дете додека минувала низ процесот:
„Далечно мое дете, мој цвету, дали се нишаш на ветрот?
Дали ме чувствуваш додека вдишувам живот во тебе?
Завиткано во ќебе од надеж, заспано во постела од соништа…
Мојот чекор кон вечноста не беше она што можеби требаше да биде, или можеби воопшто не беше. Зашто никој не знае во која насока ќе дувне ветрот.“
Нејзината сестра, Дани Миног, низ солзи додава:
„Јас никогаш не се гледав себеси како мајка. Таа отсекогаш се гледаше. И токму затоа ова е толку болно.“
Н.Т