Последниот чин: гасеници, пеперутки и модна метаморфоза на NYFW

Том Браун ја затвори Њујоршката модна недела со спектакуларна приказна за метаморфозата

70 ревии и презентации беа прикажани на Модната недела во Њујорк која заврши вчера. 

Веројатно, на крајот ја чуваа и најспектакуларната ревија на Том Браун за сезоната пролет/лето 2027, одржана во огромниот простор The Shed во Hudson Yards. Браун постави градина како сценографија и ја изгради ревијата околу темата на метаморфозата. Како претседател на одборот на CFDA, неговото шоу традиционално има доволно театралност и уметничка тежина за да ја затвори неделата со голем ефект. 


Хризалис опкружен со зелени растенија, ревијата во приказна за трансформацијата. На почетокот, околу хризалисот се движеа „гасеници“, а потоа, како симболично да се случува метаморфозата, од нивната приказна се роди новата колекција.


И самата облека ја продолжи приказната за природата. Пеперутки, пчели, инсекти и други мали суштества се појавија како апликации и мотиви врз прецизно скроени твидени сакоа и други парчиња. Браун сепак, не се откажа од својот препознатлив јазик, односно строгото американско кроење, структурирани раменици, костуми и прецизна конструкција останаа основата, но беа претворени во нешто поигриво и речиси бајковито.


Колекцијата постепено се движеше од суптилни референци кон природата кон сè посмели визуелни интервенции. Инсектите се појавуваа на рамениците, крилјата се ширеа преку предниот и задниот дел на парчињата, а класичниот Том крој добиваше неочекувана доза на фантазија. Така, строгоста на кроењето и чудесноста на природата се сретнаа во една колекција.


И токму затоа Том Браун беше особено соодветен за финалето на NYFW, наместо едноставно да прикаже облека, тој создаде цел свет со сопствена приказна, сценографија и драматургија. 


Инаку оваа сезона, њујоршката модна недела не била толку предвидлива како што понекогаш знае да биде. Покрај модата, големо внимание привлече и инцидентот за време на ревијата на COS, во кој бил вмешан извршниот директор на CFDA, Стивен Колб, при физичка интервенција кон демонстранти од PETA. Снимката брзо се прошири на социјалните мрежи, по што тој објави извинување, а CFDA соопшти дека ќе биде отсутен од функцијата додека трае дополнителното разгледување на случајот. 


И покрај медиумското внимание околу случувањето, главниот фокус во најголем дел останал на облеката и дизајнерите.

Новите имиња на њујоршката сцена привлекле особено внимание. Rachel Scott и Henry Zankov имаа по две презентации, поврзани со Proenza Schouler, Diotima и Diane von Furstenberg. Меѓу новите имиња што се издвоија биле Magda Butrym, Aisling Camps, Jamie Haller и Giovanna Flores.

Во исто време, познатите њујоршки куќи славеа важни годишнини: Carolina Herrera 45 години, а Coach 85 години. Vogue посебно ги издвојува и колекциите на Veronica Leoni за Calvin Klein Collection и Joseph Altuzarra. 

Модата како бегство од тешкото време

Една од важните линии на сезоната била желбата на дизајнерите да внесат радост, оптимизам и игра, во период кој многумина го опишуваат како тежок.


Њујоршкиот календар стана толку густ што дизајнерите буквално се бореа за внимание, термин, модели и ресурси. Основачката на Cult Gaia, Jasmin Hekmat, ситуацијата ја споредила со „Hunger Games“ меѓу дизајнерите, особено поради борбата околу познатите личности и моделите.

Затоа ревијата повеќе не е само презентација на облека. Таа е и дел од бизнис стратегијата.

Што ќе се носи? Струкот повторно е во центарот

Еден од најјасните трендови на NYFW SS27 е струкот.

Но не станува збор само за нагласување на половината со кројот на облеката. Струкот станува место за различни декоративни и функционални елементи.


Појасите се појавуваат во нови форми кај Kallmeyer, TWP и Heirlome. Brandon Maxwell ги поставил врз фармерките како широк тексас додаток што се врзува околу половината.

Кај Ashlyn и TWP се појавуваат здолништа претворени во појаси, додека Lii околу половината поставува торбички.

Во Diotima, пак, Rachel Scott користи брановидни peplum форми, нешто што се појавува и кај Khaite.

Функционалноста станува мода

Њујорк отсекогаш бил познат по практичната страна на модата, облека која функционира во реалниот град, во метро, на улица, во такси.

Оваа сезона тој принцип е подигнат на ново ниво.

Женственост, но посензибилна и посекси

На NYFW оваа сезона дизајнерите покажале и повеќе кожа.

Altuzarra и Khaite користеле намерно „недовршени“ изгледи со долна облека што дискретно се гледа под облеката.


Според Tiffany Hsu од Mytheresa, се забележува поместување кон посензуална и поизразена женственост, но без да се изгубат леснотијата и модерноста карактеристични за њујоршката мода.

Proenza Schouler оди кон полабава и посекси естетика, додека TWP ја обработува истата идеја преку американскиот sportswear. 

Морето како инспирација

Кај Aisling Camps, Zankov и Diotima се појавува инспирација од морето.

Тоа се гледа преку шорцеви, парчиња налик на „водени маици“ и други елементи кои ја внесуваат атмосферата на вода и лето во колекциите.

Враќање во 60-тите

Уште еден исклучително силен референтен период биле 1960-тите.

Zankov се навратил на Русија од 60-тите, период поврзан со младоста на неговата мајка во Санкт Петербург.

Michael Kors користел mid-century инспирација, како и ликовите на Edie Sedgwick и Nico.

Fforme се потпрел на геометриските и остри форми на декадата.

Кај Lii, Zane Li се инспирирал од тинејџерските идоли од 60-тите, користејќи силни бои, винил, мини-фустани и меки, „сунѓерести“ материјали. Vogue ова го поврзува со потребата од детски оптимизам во денешниот момент. 

Њујорк оваа сезона- не е само ревија

Настаните околу модата стануваат речиси исто толку важни како самите ревии.

Имало огромен број забави и настани, од Bvlgari и Net-a-Porter до Moncler и Acne Studios. 

Еден PR-извор ова го толкува како можен сигнал на економска несигурност: брендовите ги трошат буџетите сега, стравувајќи дека подоцна можеби ќе бидат намалени.

Но постои и друга интерпретација: брендовите очигледно сакаат да го освојат американскиот потрошувачки пазар, отворајќи продавници и инвестирајќи во директна комуникација со њујоршката модна публика и луѓето кои влијаат врз американскиот retail.