
На Керолин Бесет Кенеди ѝ беа потребни само бела кошула и црно здолниште за да влезе во модната историја, а серијата „Love Story“ сега тој легендарен минималистички изглед го претвори во една од своите највпечатливи сцени.
Во четвртата епизода од серијата „Love Story“, ликот на Керолин Бесет Кенеди, кој го толкува Сара Пиџон, позајмува бела машка кошула од Џон Ф. Кенеди Џуниор и ја комбинира со црн фустан што го трансформира во макси здолниште, создавајќи сцена што веднаш асоцира на познатите архивски фотографии. Во реалноста, Бесет Кенеди идентичен аутфит носела во март 1999 година на хуманитарната гала-вечер на музејот Витни, со што го потврдила статусот на „it“ девојка на 90-тите и вечна муза на минималистичкиот шик. Серијата го користи тој момент не само како моден омаж, туку и како симбол на тајната врска што допрва се заканува да излезе во јавност.
Инаку за потсетување, таа беше сопруга на синот на американкиот претседател Џон Ф. Кенеди кој го носеше името на таткото кој загина во атентатот. Судбината си поигра, па синот, заедно со Керолин и нејзината сестра Лорин, загинаа во авионска несреќа во 1999 година.
Минимализмот како препознатлив потпис
Керолин Бесет Кенеди во 90-тите беше лице на новиот минимализам, чисти линии, пригушени бои и речиси аскетски пристап кон гламурот. Како ПР-експертка во Келвин Клајн, таа живееше според модната филозофија на брендот, едноставни кроеви, суптилна сензуалност и идеја дека добрата облека не мора да вреска за да биде забележана. Само повремено избираше впечатливо парче, како култниот капут од Јоџи Јамамото, но намерно му дозволуваше да биде единствениот акцент во стајлингот.
Во секојдневието се потпираше на базични парчиња. Фармерки со рамен или благо проширен крој, црни ролки, интелигентно скроени палта и мали црни фустани со интересна форма. Токму затоа комбинацијата од бела кошула и црно здолниште, која ја носеше на „Brite Nite Whitney“ вечерта во 1999 година, стана своевидна дефиниција на нејзиниот стил, едноставно, но совршено промислено.
Керолин за сопствениот стил
Керолин Бесет, тогаш продажна претставничка и задолжена за публицитет во Келвин Клајн, во интервју за Glamour од 1992 година својот стил го опишува како „едноставен“.
„Не се чувствувам удобно во ништо што е кичесто. Сакам чисти и ненаметливи комбинации“, вели таа. „Обожавам чизми, фармерки, блејзери.“ Истата филозофија важи и за боите што ги преферира. „Сакам класични бои – црна, темносина, сива и бела. Ако сакам посилен впечаток, тоа го постигнувам со текстура“, објаснува таа.
Серија што го коригира модниот впечаток
Серијата „Love Story“ на почетокот предизвика критики поради облеката, која обожавателите ја сметаа за недостојна за жена чиј стил беше заштитен знак. Креаторите одговорија со ангажирање на костимографот Руди Мансе, кој со својот тим започна потрага по архивски дизајнерски парчиња. За Сара Пиџон успеаја да обезбедат оригинални или идентични модели на капути од Prada и Valentino, како и фармерки прецизно прилагодени за да прилегаат исто како кај Керолин.
Кога станува збор за култната бела кошула и црното здошлните, серијата одлучи креативно да ја „помести“ приказната па наместо да го смести аутфитот на гала-вечерта од 1999 година, го прикажува порано, во периодот кога ЏФК Џуниор и Керолин сè уште се кријат од јавноста. Позајмената кошула така станува повеќе од моден детал! Таа е симбол на интимност и љубовна приказна што сè уште е нивна мала тајна.
Култен изглед на аукција
Колку овој аутфит е вкоренет во колективната модна свест, потврдува и неодамнешната аукција посветена на облеката на Керолин Бесет Кенеди. На неа се најде и црното свилено-волнео здолништ од Јоџи Јамамото, речиси идентично на она што го носеше на гала-вечерта во Витни, заедно со златна торбичка Whiting & Davis во стил на мрежеста кеса. Среќната купувачка ќе може до најситен детал да го рекреира нејзиниот изглед, единственото нешто што ќе мора да го „импровизира“ е белата кошула, но како што и самата Керолин докажа, понекогаш најдобриот стајлинг-трик е едноставно да ја позајмите од ормарот на партнерот.
Н.Т
Серија што го коригира модниот впечаток