
Принцот Хари и војвотката од Сасекс во април ќе отпатуваат во Австралија, а нивниот портпарол изјави дека посетата ќе биде поврзана со „приватни, деловни и филантропски обврски“. Конкретните планови на парот во Австралија не се откриени, но еден настан на кој ќе присуствува Меган веќе е најавен.
Уште повеќе, на него може и да се присуствува, доколку навистина силно го посакувате тоа и секако, доколку располагате со доволно средства за патување до Австралија, како и за самото учество на настанот, каде што ќе имате можност да се дружите и да разговарате со војвотката.
Имено, Меган ќе биде гостин-говорник на ексклузивното случување „Her Best Life“. Настанот го организира компанијата „Besties“, предводена од радиоводителката Џеки О Хендерсон, а ќе се одржи од 17 до 19 април во хотелот „InterContinental Sydney Coogee Beach“. Круна на настанот, како што е најавено, ќе биде гала-вечерата, за време на која војвотката од Сасекс ќе води разговор со присутните гости.
Вечерата ќе вклучува „разговор во живо со Меган“, како и можност за „инспиративни разговори, релаксација, смеа и незаборавни искуства“, стои на веб-страницата на организаторите.
„Early bird“ билетите се продаваат по цена од 2.699 долари (околу 2.300 евра) и вклучуваат две ноќевања во хотел, влез на гала-вечерата, оброци и алкохолни пијалаци, како и пристап до сите предавања и велнес активности.
За ВИП билет, кој вклучува заедничка фотографија на маса со Меган и место во првите два реда на гала-вечерата, гостите ќе треба да издвојат 3.199 долари (околу 2.700 евра). Настанот е ограничен на 300 учесници, а програмата опфаќа и јога, медитација, како и време за разговор со психолог.
Џема О’Нил, коосновачка на „Besties“, која заедно со Џеки О Хендерсон го води подкастот „Her Best Life“, ја објави веста:
„Не можам да поверувам дека воопшто ги изговарам овие зборови“, започна таа. „Никој не е повеќе изненаден од мене. Знам што сите си мислите, бидејќи и јас мислам истото. Како Меган, војвотката од Сасекс, оваа неверојатна жена, од разговорот со Опра стигна до тоа да говори на сцена со една обичната мала Џема од Сиднеј?“
Н.Т