
Материјалот што со години го поврзувавме со есента, сега ја диктира пролетната гардероба. Помек, потенок и сестран од кога било, велур-кожата (антилоп) се враќа на голема врата – и веќе се носи на улиците на модните метрополи.
Пред само две години, поточно на 29 февруари 2024 година, Chemena Kamali дебитираше како креативна директорка на модната куќа Chloé и го започна новиот бохо-бран. Набргу, кафеавата јакна од антилоп стана опсесија на сезоната.
Љубителките на винтиџ-естетиката го препознаа парчето како извадено од архивите на седумдесеттите, минималистките добија едноставна и разновидна јакна што решава секој стајлинг, а трендсетерките, предмет на желба од социјалните мрежи.
Антилопот тогаш го убеди модниот свет со својот софистициран, но опуштен изглед и со својата тактилност. Две години подоцна, тој се враќа како клучен материјал за пролетта 2026 година.
Пролет без правила
Иако можеби звучи нелогично, токму антилопот и кожата ќе доминираат во сезоните пролет/лето 2026, и покрај тоа што традиционално ги поврзуваме со постудените месеци. Наместо класичната формула на капсулна гардероба, лен, памук и лесни, дишливи ткаенини, оваа година модните брендови комбинираат лесни материјали со поцврсти и поструктурирани.
Пистите го потврдуваат трендот
Michael Kors го реинтерпретираше антилопот со перфорации што го прават попроветрен и полесен за носење. Го претстави клучното парче на сезоната, балонер од антилоп – но и туника и кошула изработени во истата техника. Палетата на бои се оддалечува од класичните кафеави тонови и се насочува кон посветли нијанси на жолта, пудра-розова и песочна боја.
Hermès, пак, нуди координирани сетови: структурирани crop-топови, миди-здолништа со шлиц и меки кошули. Таму доминираат земјените тонови – синоним за тивок луксуз и максимална носливост.
Бохо дух и изразен став
Etro и Isabel Marant остануваат верни на својот боемски идентитет – првиот преку фолк-естетика, вториот преку сафари и утилитарен стил. Ресите, нитните и волуменозните јакни на Balmain даваат „cool“ димензија на парчиња што инаку би биле сосема класични.
Како да го носите антилопот
Балонерот од антилоп веќе стана униформа на модните престолнини: се комбинира со фармерки и патики, но и со кроени панталони. Предимензионианото сако е втор фаворит на стилистите, го носат со пуплин кошули и деловни панталони, или преку костим и тенки плетива.
Најинтересните стајлинзи се темелат на контраст на текстури. Јакна или сако од антилоп одлично се комбинира со лесно миди-здолниште или фустан, додека панталоните од антилоп функционираат совршено со волуменозни палта со ефект на крзно. За поопуштени комбинации, антилопот се спојува со дуксери и широки фармерки.
За похрабрите, тука е и тоталниот изглед- комплет од кошула и панталони или јакна и здолниште. Фустанот од антилоп добива финален допир со тенок ремен, едноставен трик што стилистите постојано го повторуваат. Така, антилопот престанува да биде сезонски материјал и станува парче што се носи преку целата година, само во полесна и попаметна верзија.
Н.Т
Пролет без правила